Полиамините, група органски молекули присутни во сите живи организми, имаат клучна улога во основните клеточни процеси како растот и обновувањето на клетките. Овие соединенија, особено спермидин, во последните години се промовираат како соединенија што можат да придонесат за здраво стареење и подолг живот.

Истражувањата покажуваат дека полиамините можат да активираат корисни клеточни процеси како автофагијата – механизам преку кој клетките ги отстрануваат оштетените компоненти. Овој процес е поврзан со протеинот eIF5A1.

Сепак, научниците долго време се соочуваат со парадокс: покачени нивоа на полиамини се забележуваат и кај различни видови рак, каде што се поврзани со забрзан раст на туморите.

Истражувачки тим од Токискиот универзитет за наука, предводен од вонредниот професор Кјохеи Хигаши, спроведе сеопфатна студија за да ги објасни овие спротивставени ефекти. Резултатите се објавени во научното списание „Journal of Biological Chemistry“.

Во истражувањето биле користени човечки линии на канцерогени клетки за да се анализира како полиамините влијаат врз производството на протеини и клеточниот метаболизам. Научниците анализирале повеќе од 6.700 протеини и откриле дека полиамините го активираат процесот на гликолиза – метаболички пат што брзо ја претвора гликозата во енергија и е типичен за клетките на рак.

Покрај тоа, полиамините ја зголемуваат експресијата на протеинот eIF5A2 и неколку рибозомални протеини поврзани со малигнитет.

Според научниците, клучната разлика е во тоа што во здравите ткива полиамините го активираат протеинот eIF5A1, кој ги поддржува митохондриите и автофагијата, додека во канцерогените ткива тие го стимулираат eIF5A2, што ја поттикнува пролиферацијата на клетките на рак.

Откритието отвора можност за развој на нови, таргетирани терапии против рак кои би го блокирале дејството на eIF5A2, без да ги нарушат корисните процеси поврзани со здравото стареење.