Во супермаркетите, канцелариите и студентските домови, пластичните садови со ознака „microwave safe“ изгледаат како симбол на практичност и брзо подгревање. Но ново меѓународно истражување предупредува дека оваа етикета може да создаде лажно чувство на сигурност.

Студија објавена од Greenpeace International, која анализирала 24 научни труда, укажува дека дури и амбалажата означена како погодна за микробранова печка може да испушта стотици илјади микро- и нанопластични честички во храната по само неколку минути загревање. Според некои податоци, за пет минути можат да се ослободат меѓу 326.000 и 534.000 честички.

Ознаката „microwave safe“ обично значи дека садот нема да се стопи или деформира, но тоа не гарантира хемиска безбедност при високи температури. Пластиката содржи илјадници адитиви, меѓу кои бисфеноли, фталати и PFAS, супстанции што во одредени истражувања се поврзуваат со хормонални нарушувања и хронични заболувања. Дури 1.396 хемикалии од пластична амбалажа биле детектирани во човечкиот организам.

Експертите предупредуваат дека регулативите, вклучително и во Европската унија, не поставуваат конкретни граници за ослободување микропластика од амбалажа, туку главно се фокусираат на поединечни хемикалии.

Проблемот има и поширока еколошка димензија. Амбалажата за еднократна употреба учествува со околу 36 проценти во вкупното производство на пластика, кое се очекува значително да порасне до 2050 година. Тешкото рециклирање и распаѓањето во микропластика придонесуваат за загадување на почвата и водите.

Од Greenpeace International повикуваат на построги стандарди и јасно означување на ризиците, додека за потрошувачите се препорачува користење стаклени или метални садови како побезбедна алтернатива.