Според најавите за снежни врнежи и значителен пад на температурите во наредните денови, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатува апел до сите учесници во сообраќајот за зголемена внимателност и одговорно управување со моторните возила.

Од Советот потсетуваат дека возењето во зимски услови носи зголемен ризик, особено на планинските превои, регионалните патишта и делниците каде често се појавува мраз. Поради тоа, задолжително е правилно и навремено користење на зимска опрема, во согласност со законските прописи.

„Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови. Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка на антифризот, нивото на гориво, состојбата на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот, како и состојбата и притисокот на пневматиците“, се наведува во соопштението на РСБСП.

Дополнително, се апелира возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, да одржуваат поголемо растојание меѓу возилата и да избегнуваат нагли маневри. Посебна внимателност се препорачува во утринските и вечерните часови, кога појавата на голомразица е најчеста.

РСБСП потсетува дека одговорното однесување на секој поединец во сообраќајот е клучно за безбедноста на сите учесници и за намалување на бројот на сообраќајни незгоди во зимски услови.