На 18.12.2025 година околу 12:00 часот, Службата за итна медицинска помош пријави дека во нивната здравствена установа е донесен 55-годишен маж од Пробиштип (Т.М.) со тешки телесни повреди, настанати додека извршувал работни задачи во рудник во пробиштипското подрачје. Полицијата изврши увид на местото на настанот и се работи на расветлување на случајот.

Овој инцидент повторно ја осветлува суровата реалност со која секојдневно се соочуваат рударите во Македонија – професија која официјално се смета за хипер-ризична, физички најтешка и потенцијално најопасна за работниците.

Иако секторот на рударство со години го одбележува Денот на рударите како значаен датум, оваа индустрија во земјава и понатаму носи висок ризик за здравјето на своите вработени. Во услови каде што конструкцијата на работните средини често е во тесни jами, опремата работи на високи температури, а контактот со тешки машини и експлозиви е дел од секојдневието, работата на рударите ретко се третира како приоритет за подобрување на безбедноста.

Според податоци од Македонската асоцијација за рударство, во рударскиот сектор директно се вработени околу 8.000 лица во земјава, со значително поголем број семејства кои на некој начин завиcат од приходите поврзани со оваа дејност. Активни се бројни компании и помали оператори, но доминантно неколку рудници со над 250 вработени ја носат тежината на производството во секторот.

Иако некои податоци покажуваат дека просечните плати во рударството може да бидат повисоки од просекот на национално ниво и дека платите во некои компании се значително повисоки, реалноста за голем дел од работниците е поинаква.

Според статистички извори за плати во рударскиот и металуршки сектор, 80 % од вработените заработуваат помеѓу околу 31.000 до 72.000 денари месечно нето, што за работните ризици што ги носи оваа индустрија не се споредува со ситуацијата на најопасните работни позиции.

Оваа плата може да изгледа привлечно во однос на просечната плата во државата, но кога се земат предвид ризиците од трајни повреди, физички напор и чести здравствени последици, многумина рудари и нивни семејства сметаат дека “рударскиот леб е тежок, а рударскиот живот вреди премногу малку”.

Дополнително, во изминативе години се забележува и намалување на бројот на работни места во некои рудници, поради намалено производство или реструктурирање, што дополнително ги става работниците под економски и социјален притисок.