Редакцијата на „Мој збор“ изврши теренска посета на Казнено-поправната установа Идризово, со цел одблиску да се запознае со условите за издржување на затворска казна, секојдневието на осудените лица и предизвиците со кои се соочува системот на ресоцијализација во најголемиот затвор во државата.
Во рамки на посетата, разговаравме со Александар Ковиловски од секторот за ресоцијализација, кој од прва рака го сподели своето професионално искуство и работата со осудени лица, како и со директорот на установата, Зоран Јовановски, за актуелната состојба, капацитетите и системските ограничувања со кои се соочува затворот.
Во разговор со претставници од Народниот правобранител беа отворени и прашањата за заштитата на човековите права, хуманите услови и институционалниот надзор врз постапувањето кон лицата лишени од слобода. Посебен фокус беше ставен и на периодот по издржувањето на затворската казна – дали и како поранешните осуденици добиваат вистинска шанса за нов почеток.
За статусот, стигмата и можностите за успешна ресоцијализација по напуштањето на затворот, побаравме стручен став и од Наташа Ристовска од Пенолошкото друштво на Македонија. Овој прилог носи сеопфатен увид во една затворена, но исклучително важна тема за општеството – каде завршува казната, а каде започнува втората шанса.

















