Историските расправи често се воделе околу прашањето: Што е тоа интелектуалец и како тој изгледа и се однесува? Во рамките на античката филозофија, стоиците создале модел за тоа како се однесува еден интелектуалец. Нивните описи главно ги базирале на стоичката етика во која човекот се води и постапува согласно разумските принципи и достоинствено се носи во сите животни ситуации. Во античката филозофија, интелектуалецот всушност бил мудрец, а во списите на Марко Аврелиј, кралот бил тој кој најмногу требал да ги задолжи другите со пример на мудрец (интелектуалец).
Во подоцнежниот период, кога почнува да се говори за елита, односно високи претставници на општеството, терминот елита ги опфаќал и интелектуалеците. За елитата била резервирана поинаква култура на однесување, манири, општо образование и секако моќ и влијание во општеството. Со професионализација и воведување на димензија на стручност во образованието, кон средината на XX век се помалку се говори за елита и за интелектуалец.
Денеска, зборот „елита и елитизам“ нема исклучиво позитивно значење, напротив некогаш го користиме во пејоративна смисла кога квалификуваме некое однесување како елитистичко, мислиме на недемократско и арогантно однесување и позиција во говорот, а терминот интелектуалец потполно го губи значењето и смислата. Доколку се прашаме што е интелектуалец и како тој изгледа, голема е веројатноста дека ќе останеме збунети пред оваа прашање особено затоа што не можеме ниту да посочиме со пример и прст брем еден жив интелектуалец.
Денеска можеме да сретнеме примери на луѓе кои користат аргументи, здрав разум и логика но тесно усмерени кон оправдување на некоја идеолошка теза. Во голем број случаи идеологијата бара целосно послушништво и полтронство од нејзините застапници, со што интелектуалната маса која се користи во служба на идеологијата останува закрепостена како и во рамки на една догма.
- Зошто полтронскиот однос не може да создаде интелектуалец?
Интелектуалецот редовно ги преиспитува своите тврдења, поради што не останува доследен на своите позиции туку ги менува, доусовршува, па дури понекогаш благодарение на доказите и искуствата доаѓа до нови заклучоци кои ја оповргнуваат премисата на интелектуалецот. За разлика од интелетуалецот кој не бара селективно докази и аргументи за своите тези, идеолошкиот застапник се фокусира тесно на изведување доказни постапки и аргументи кои ќе ги оправдаат нивните тези. Интелектуалецот е доследен само на својот разум, а полтронот само на идеологијата.
Идеолозите не ги земаат доказите холистички, туку селектираат „само онаа што им е потребно“. Тие не „учат“ од своето искуство, туку за сопствена надоградба го третираат особениот придонес во развој на една идеологија. Сумирано, интелектуалецот се води од научниот поглед на светот, а идеологот од методските оставштини на религискиот догматски пристап. Доколку Галилео бил жртва на идеолошките мисловни групации, а не се водел од сопствените согледувања и искуства, никогаш немаше да ја имаме хелиоцентричнатаа теорија и изреката „Сепак се врти“ (Eppur si muove).
Втора и важна работа која го дистанцира јасно интелектуалецот од идеолошкиот полтрон е мотивацијата. Идеологот е мотивиран од стекнување со личен интерес и корист, додека интелектуалецот не е загрижен дали неговата комотност ќе биде нарушена поради тоа што зборувва нешто што е неприфатливо, подложно на општа осуда, а донесено само врз база на разумското промислување и логичко иследување.
Оној што прави промени во општеството не е идеологот, туку интелектуалецот, без разлика на тоа што современото општество и фондации вложуваат средства во идеолошко инспирирани и апликативни истражувања и имаат намера од науката да направат инструмент за своја идеологија, сепак идеологијата секогаш ќе остане квази наука, а идеолозите не можат да направат промени во општеството затоа што нивните интереси не се трајни.
Накратко, интелектуалец е човек со интегритет кој не можете да го замолчите или поткупите и тој јасно се разликува од човек кој навидум говори мудро и разумно, но не е способен да се преиспитува, учи, влегува во дијалог или методски ги проверува сопствените тврдења.
Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов