Симон де Бовоар, Хана Аренд и Ајн Ранд се три жени од историјата која на различен начин го обележале патот на промената на општеството, општествената и човечката мисла, но кои и покрај нивната меѓусебна различност можеме да ги разгледуваме низ една објективна точка на аналогичност и сличност. 

Симон де Бовоар преку својата теорија, но и реален општествен активизам, направила голем број на промени во начинот на кој се перцепира позицијата и улогата на жените, како се гради женскиот идентитет и како се доаѓа до прифатливо рамниште на социјална правда притоа чистејќи ги рудиментите на моќ од која извира човечката несреќа поради неправдата.

Хана Аренд ја анализира дистрибуцијата на моќ во општеството. Интересно е што Аренд изворот на моќ не го лоцира во општественото уредување, туку во политички субјекти кои во секој систем засноваат и одржуваат моќнички однос. На тој начин се доаѓа до концептот на лична, а не системска одговорност.

Ајн Ранд, пак, смета дека секое човечко суштество природно тежнее кон среќа, која да ја достигне треба да се ослободи од сите форми на принуда. Таа принуда ја имаме и кога се жртвуваме или правиме нешто во името на другите, што според Ранд е неприродно стојалиште. Секој треба да се избори за субјективната среќа, а освртот кон благосостојбата на другиот, а не сопствената благосостојба не спречува да бидеме зафатени со сопствената среќа.


На прв поглед се чини дека овие три историски имиња се неспоиви во една теориска рамка, но сите нив можеме да ги спомине под епитетот „жени кои го менуваат светот“.

Феминистичката теорија успеа да ја создаде претставата за жена која има супермоќи, е независна, но и лидер во многу општествени сегменти надвор од традиционалните улоги кои ја лоцираат во домот, домаќинството и семејството. Жените кои прават промени не се прототипи и не се дел од мнозинството, затоа нив и ретко може да ги сретнеме. Оние жени кои прават вистински промени во општеството, обично живеат сосема различни животни стилови, се разликуваат од жени кои обично ги среќаваме од нашето опкружување и не се баш често „добро“ прифатени од средината.

Тие се соочуваат со голем број притисоци да се вкалапат во јасно поставената структура на меѓучовечки односи, да ги прифатат вообичаените улоги наменети за жените, или се често мета на осуда поради своите постапки и избори бидејќи не се трудат да постапуваат онака како што средината им налага. Ова генерална црта на жени кои го менуваат светот може да се дедуцира на неколку карактеристики кои ги имаат овие жени.

  • Имаат мал број пријатели, но добро избрани 

Жените кои го менуваат светот немаат голем број пријатели, од проста причина што не се трудат никому да се допаднат, да упикаат, туку се секогаш свои и оригинални. Тие јасно и гласно ги искажуваат своите ставови и ја покажуваат својата личност без разлика на тоа дали сите други ќе ги осудат и прекорат.

Жените кои прават суштински промени внимателно ги одбираат своите пријатели и нив им се посветени целосно. Секогаш се лојални и го вреднуваат туѓото време и внимание кое им се посветува. Жени кои го менуваат светот се подготвени многу да пружат во пријателските односи без да калкулираат со тоа што ќе добијат за возврат.

  • Не ги разбираат работите лично, туку низ призма на повисоки идеи 

Жени кои го менуваат светот може да бидат се, само не површни. Тие не ги вреднуваат зборовите и делата на другите преку призма на нивните лични односи и работите ретко ги доживуваат лично. Свесни се дека личниот карактер во вреднувањето како што е интересот, одмаздољубивоста или непријателскиот став кон некој се инфантилни личносни особини кои зрела и самоуверена жена треба да ги има надминато.

Затоа, жена која го менува светот, секогаш објективно и аналитички ќе даде суд за која било ситуација, без разлика на тоа дали таа ситуација се однесува на некој нејзин непријател, таа може да ја одбрани тезата на непријателот доколку вистината и правдата натежнуваат на таа страна.

  • Зафатени се со сопствениот успех

Тие нема да се занимаваат со тоа да поставуваат замки на другиот, туку се фокусирани со сопствениот живот и успех. Но сепак, овие жени нема да дозволат да правите упад во нивниот живот и да настојувате да им воспоставите контрола или да им го правите патот трновит. Тие на многу мудар и достоинствен начин ќе ве отстранат од сопствениот пат и ќе продолжат кон своите цели без воопшто да ги интересира да ви вратат со иста мерка.

  • Можете да ги разберете или не, но не можете да не ги забележите 

Повеќето од жени кои го менувале светот низ историјата не биле баш добро прифатени во текот на својот живот, а ни постхумно не им се дава големо признание, освен што инспирираат мал број на луѓе и тоа обично во образовните процеси.

Причината за тоа што тие не се толку популарни и допадливи е едноставна, тие го застапуваат она што не е присутно или е спротивно на тоа што повеќето луѓе го живеат. Сепак, без разлика дали ја разбирате или не нивната борба не е возможно да не ја забележите. Нивната борба прави големи промени во позадина кои не можеме да ги видиме со голо око, но тие секако ги менуваат директно животите на голем број луѓе.

  • Ги инспирираат другите 

На свесно или на потсвесно ниво тие ги инспирираат другите. Некои луѓе се свесни дека се инспирирани и вдахновени од постапките на таква жена, други имаат многу негативни чувства токму затоа што се инспирирани од некого од кого свесно одбиваат да бидат инспирирани.

Како и да е, со својата појава, жени кои го менуваат светот никого не оставаат рамнодушен.

  • Не се омилени, но тоа и не им е целта

Популарните жени се омилени затоа што тие го репрезентираат сето она што другите се. Не отскокнуваат од нормите и строго внимаваат да се во рамките на дозволеното.

Жени кои го менуваат светот се авангардни, најавуваат некои промени, се во најмала рака чудни, а луѓето во суштина пристапуваат со доза на страв кон се што е необично.

Но тоа првично мислење и впечаток за овие жени се раствора во секој разговор кој ќе се обидете да го поведете со нив. Едноставно во разговорите со другите луѓе се многу темелни, заинтересирани и емпатични, а вие ќе се чувствувате уважено и испочитувано во секоја секунда помината со нив.

  • Не се претставуваат како жртви

Дури и тогаш кога трпат неправда, никогаш не се конформираат со улогата на жртва и од секоја ситуација излегуваат како хероини, дури и да доживеат пораз.

Зошто?

Затоа што знаат дека ги исцрпеле сите можности да направат некоја промена и резултатот воопшто не е важен. Самиот обид веќе прави некоја промена, која може нема да ја почувствуваат на своја кожа, но ќе биде ползувана од некој друг или во некое друго време.

Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов