Во многу фирми се создава погрешно вреднување на вработените. За највредни вработени, кои покажуваат грижа и посветеност за компанијата, се третираат оние кои остануваат и подолго од потребното на работа, доаѓаат пред време, ги обавуваат своите обврски во предвидените рокови.
Точно е дека лојалните и посветени вработени некогаш ја преземаат одговорноста на работа и знаат да останат подолго доколку навистина „нешто гори“. Но тоа не е секој ден, бидејќи прекувремената работа ги исцрпува вработените и ја намалува нивната продуктивност и ефикасност на работење.
Внатрешен часовник
Ограничено работно време на 40 часа неделно е еден од најголемите успеси во борбата за работнички права од минатиот век. Неслучајно работното време е ограничено и предвидени се слободни денови. Нашето тело има „внатршен часовник“ односно точно предвидено време кое можеме да го посветиме на работа, остатокот на задоволување на нашите биолошки потреби (сон, исхрана, физичка активност) и приватно време кое го поминуваме со семејството.
Секојдневното изместување на овој внатрешен часовник создава хаос во организмот, кој се преморува, нема внатрешна организација, грешките при работа се почести поради исцрпеноста, а на луѓето им треба многу повеќе време од претходно да обават некоја работна операција во предвидениот висок квалитет.
Затоа прекувременото работење и подолгото останување на работа секој ден, или релативно често, е штетно за компанијата, особено за меѓучовечките односи.
Уморот ги зачестува конфликтите
Вработените кои се уморни, се раздразливи и нервозни што ја зголемува веројатноста за појава на конфликти внатре претпријатието.
Конфликтната средина, пак, го намалува задоволството од работа, па така претпријатието често се соочува со загуба на вработени и нови вработувања за кои се потребни скапи обуки.
Новите вработувања имаат важен удел за опстанокот на компанијата и внесување на иновации, но целосното менување на составот во претпријатијата скоро секоја година оди на голема штета на компанијата, која одновно и одново создава нови системи на функционирање кои се недокажани и експериментални.
Работниците се семејни луѓе и имаат пријатели
Услов за успешна бизнис приказна се задоволните работници. На нив никако не смеме да гледаме само низ призма на вработени во претпријатието, нив треба да ги посматраме како целокупни личности кои остваруваат социјални односи и надвор од работното место.
Тие имаат свои семејни обврски, широк круг на пријатели, или можеби дополнителна работа која им е неопходна да го прехранат семејството и секое заробување на нивното време по истекот на работното, ја нарушува хармонијата на семејните односи, пријателските или ја доведува под прашање нивната финансиска благосостојба.
Задржувањето на работа е неизбежен дел од некој период, но никако не смее да биде пример и правило во една компанија. Добриот менаџер ги охрабрува вработените да го напуштаат работното место веднаш по завршувањето на работното време, знаејќи дека веќе утре задоволниот и ориентиран работник ќе придонесе многу повеќе за работниот процес одошто уморниот и незадоволниот.