Турскиот парламент усвои контроверзни измени на законите за печатот и социјалните мрежи, за кои велат дека се насочени кон борба против лажните вести и дезинформациите, а според кои, за ширење дезинформации се предвидува казна затвор до три години.
Критичарите стравуваат дека поради наближувањето на изборите, мерката ќе биде искористена за понатамошно ограничување на објавувањето на социјалните медиуми и независното известување, а предупредуваат дека корисниците на социјалните мрежи може да бидат притворени доколку споделат содржина што владата ја смета за лажна.
Најконтроверзната одредба од законот, членот 29, предвидува казна до три години затвор за ширење информации што се „спротивни на вистината“ за домашната и меѓународната безбедност, јавниот ред и здравје на Турција, а кои наводно имаат цел да предизвикаат јавна загриженост, страв и паника кај јавноста.
Турскиот претседател се залагаше за законот за борба против дезинформациите и лажните вести, велејќи дека лажните вести и растечкиот „дигитален фашизам“ се закана за националната и глобалната безбедност.