Македонија е умерено подготвена во сферата на слободата на изразувањето и генерално бележи лимитиран прогрес во однос на претходните препораки на Европската комисија. Генерално има поволна клима за слободата на медиумите и овозможено е критичко медиумско известување, иако беа забележани одредени тензии за време на минатогодишните локални избори.

Економската неизвесност и натаму е предизвик за новинарите и медиумските работници, а фокусот треба да остане на напорите за унапредување на нивните работнички и социјални права.

Ова е оценката, која ја нотираше Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Северна Македонија во делот на слободата на изразувањето и работењето на медиумите.

Предизвик и натаму остануваат работничките и социјалните права на новинарите и медиумските работници. Нивните права ги застапува, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, а новинарите во јавниот радиодифузен сервис и државната агенција МИА се организирани во посебни синдикати.

ЕК нотира дека е потребно подобрување на дијалогот на синдикатите со Владата, со цел да се изнајдат прифатливи решенија за сите прашања, како што се големиот број договори на определено и на половина работно време, без социјално и здравствено осигурување.

Приходите на повеќето медиумски работници се пониски од просечната плата во државата. Често пати се занемаруваат и работничките права, како што е правото на годишен одмор, плаќање на прекувремени часови, ноќни смени или други законски додатоци.

На голем број медиуми им недостига етички кодекс, како и можност за професионално и стручно надградување и кариерен напредок.

Во Извештајот се забележува дека немањето сигурно вработување и тешките социо-економски услови придонесуваат за раст на самоцензурата и овозможува сопствениците на медиумите да влијаат врз уредувачката политика.

Потребни се натамошни напори за заштита на професионалните и работничките права, на слободата и безбедноста на новинарите, препорача ЕК и напомена дека се потребни дополнителни мерки за промовирање на родовата еднаквост во медиумската индустрија.

Во Извештајот се нагласува и дека слободата на изразување и плуралистичките гледишта продолжиле да напредуваат во генерално поволниот целокупен политички контекст. И покрај ова, медиумските реформи заглавија поради недостиг на политички консензус и промена на фокусот поради пандемијата на Ковид-19.

Властите, според препораките на ЕК, треба да ги зголемат нивните напори за реформирање на јавниот радиодифузен сервис, да ја обезбедат неговата независност, професионалните стандарди и финансиската одржливост. Забележано е дека реформскиот процес на јавниот радиодифузен сервис, во рамки на петгодишната развојна стратегија, е ограничен поради одложувањето на назначување на членови на неговиот Програмски совет, а забелешка е и непополнувањето на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во сила остануваат минатогодишните препораки, а во годината што претстои земјата треба да ја ревидира законската рамка за медиумите согласно Акито на ЕУ и европските стандарди, особено со продолжување на работата за усогласување на националните закони со ревидираната Европска директива за аудиовизуелните медиумски сервиси, нагласува ЕК во Извештајот.

ЕК нотира и дека Владата продолжила да го намалува финансирањето на медиумскиот регулаторот, јавниот радиодифузен сервис и јавното претпријатие за радиодифузија со користење на одредби од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.