Прашањето за бесконечноста денеска се разгледува од голем број науки. Најчесто повикани стручни лица на дебатните емисии, документарните серии или семинарите на теми поврзани со бесконечноста се математичарите и физичарите. Но и покрај тоа што денеска прашањето за бесконечноста влегува во парадигмата на егзактните науки, неговото место не било отсекогаш таму.
Пред дистинкцијата на поединечните науки, пред се, мислиме на природните, филозофите го поставувале прашањето за бесконечноста и се обидувале да дадат објаснување во рамките на своите теории. Нивните концепти се провлекуваат во теориите на физичарите и денеска, со избегнување на редундантното повлекување дека тие водат потекло од античката или средновековната филозофија.
Поради вештото избегнување на референци и дискредитирање на филозофијата во симплифицираниот говор на стручните лица што ги среќавате по документарните емисии и симпозиумите што користат популарен јазик (за почетници), се стекнува впечаток дека филозофијата нема суверенитет врз прашањето за бесконечноста и таа како и во многу други пршања треба да се држи настрана.
Но ова секако се само ефемеризми со кои се служат луѓето што мислат дека имаат капитални познавања за концептите од физиката со изгледани две документарни емисии и прочитани цели 40 странички од некој прирачник и тие немаат никаква врска со вистината.
Во суштина прашањето за бесконечноста се поставува многу пред да биде актуелно за нашата генерација, го поставиле припадниците на Елејската школа во античкиот период, Хераклит, но и Аристотел. Мислителите од пред повеќе од 2000 години биле исклучително засегнати од прашањето за беконечноста.
Зенон од Елеја
Зенон живеел околу 460 години пред нашата ера и бил ученик на славниот филозоф Парнемид од помладата генерација. Познат е по апориите во кои најмногу се обработува проблемот на бесконечното делење, односно на „бесконечно мало“ како што денеска се нарекува во физичките теории и концепти.
Една од најпознатите апории на Зенон е апоријата со Ахил и желката. Ако Ахил, најбрзиот атлетичар и даде предност на желката во убедување дека лесно ќе ја победи во трката, теориски никогаш нема да успее да го направи тоа од проста причина бидејќи за да ја стигне желката треба да помине половина од патот, па половина од нејзината половина, па половина од таа половина и половина од нејзината половина и така до бесконечност.
Една отсечка на патот е делива бесконечно многу пати и со тоа се оспорува можноста за движење низ просторот. Деливоста на просторот во математичко-метричка смисла го оспорува концептот на движење.
Хераклит од Ефес
Хераклит „Темниот“ живеел околу 480 година пред нашата ера. За разлика од Елејците, Хераклит смета дека прашањето за бесконечноста треба да се лоцира токму во движењето или во постајаната промена.
За неговото творештво достапно денеска само во фрагменти се врзува анахронизмот Panta rei или Се тече се се менува. Хераклит тврди дека промената е толку присутна што доколку сакате двапати да влезете во иста река тоа нема да е возможно затоа што вториот пат веќе ниту вие, а ниту реката нема да сте исти.
Постојаното движење на постојното оневозможува да се измери нешто, да се концептуализира, па дури и да се именува. Бидејќи дури да ја одредите состојбата на нештата што сте ги евидентирале нивната структура веќе се сменила и веќе не важи ниту истата метрика, ниту истиот концепт, ниту истото име.
Платон во дијалогот „Ион“ како едно од дијалошките тврдења го застапува тврдењето дека дури и имањата на личностите се чиста конвенција односно дека не одговараат на нивните својства и карактеристики, туку го одразуваат само договорот на заедницата личностите да ги именува со фиксни имиња поради полесна комуникација.
Кога личните имиња би ги изразувале нашите својства би било потребно да ги менуваме на многу краток временски период.
Аристотел од Стагира
Аристотел живеел околу 384 година пред нашата ера. Овој мислител прашањето за бесконечноста го третира во рамките на својата онтолошка теорија.
Го користи познатиот метод на reductio ab infinitum да покаже дека светот нема почеток и поради тоа нема ни крај. Ако светот е плоча што ја држат 4 желки (како што се сметало во тоа време) од што се создадени желките? Од што е создадено тоа што ги создало желките? И така натаму до бесконечност. Тоа значи дека светот не е создаден од нулта точка и поради тоа нема ни да заврши до одредена конечна точка на постоење. Тоа го натерало Аристотел да заклучи дека светот е вечен и бесконечен.
Автор: Магдалена Стојмановиќ