Скапите цени во маркетите ги натераа граѓаните да се свртат кон земјоделците, па расте трендот на купување вакви производи преку интернет. Цените тука се поевтини, квалитетот „домашен“, ама и ризикот поголем. Сепак граѓаните се повеќе преминуваат на овој тренд.

Килограм боранија за 60 денари, тиква по 15, но и кашкавал за 300 денари може да купи на интернет, ако купувачите успеат директно да се договара со земјоделците. Растот на цените во маркетите дополнително го забрза овој тренд на купување, па ги принуди дури и поплашливите, да купуваат од производителите.

Цената на храната во маркетите значително порасна во изминатата година. Раст има кај сите производи, но кај некои е огромен. Како кај лебот и зејтинот кои поскапеа за скоро 50%, месото и млекото над 20%, а високи се цените и на овошјето и зеленчукот.

Литар трајно кравјо млеко сега во продавница се продава по околу 75 денари, додека на фарма на пример, неговата откупна цена е околу 20 денари за литар.