Секоја иницијатива што би можела да биде назадување и со тоа да го попречи патот на земјата во ЕУ-интеграциите, навистина би требало да се избегнува, вели евроамбасадорот Дејвид Гир за иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум против договорот со Бугарија.
Се сеќавам дека кога за прашањето за уставни измени се разговараше првпат, а тоа беше минатата година, тогаш немаше противење низ политичкиот спектар, беше доста тивко за ова конкретно прашање – вели Гир во интервју за 360 степени.
Според него, Европската Унија не гледа со наклонетост на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување референдум против Договорот со Бугарија. Тој потсетува дека „добрососедските односи се суштински дел од пристапниот процес и ЕУ неколкупати кажа дека Договорот за добрососедство со Бугарија, како и Преспанскиот договор, треба да се имплементираат во добар дух од сите“.
Во котекст на скрининг-процесот, амбасадорот на ЕУ зборува за потребата од запазување на моментот со јулското отворање на преговорите, за обединување на сите домашни сили и фокусирање на заедничката цел – зачленување во ЕУ што е можно поскоро.