Дали оваа зима ќе имаме ајвар на трпезите како претходните години или ќе правиме во помали количини? Има семејства кои досега правеле по 20, 30 тегли ајвар, но сега се двоумат поради скапотијата.
Катерина Василеска од Охрид која се занимава со производство на зимници објаснува дека за да се добие една голема тегла ајвар се трошат 2 килограми пиперки, но важен е и квалитетот. Дополнително потребно е масло, и други мирудии, се троши електрична енергија или пак дрва за огрев и тоа секако ја крева цената на производот.
Пиперките не се толку скапи, колку што маслото за јадење е поскапено. Јас оваа година една голема тегла ајвар планирам да ја продавам по 400 денари. Очекувам дека луѓето помалку ќе купуваат, затоа што за тие пари можат да купат други намирници, кажа Василеска.
Бончо Божиков, земјоделец од струмичкото село Дабиле смета дека оваа сезона ајварката не треба да падне под 35 денари за килограм за да им се исплати трудот. Објаснува дека првата берба, односно најквалитетните пиперки одат за извоз во странство.
На некои пазари веќе ја има ајварката, на некои уште не се продава, но околу 1 септември масовно ќе почне бербата и до 10 септември ќе биде ударно, затоа што во тој период се прават зимниците, раскажува Божиков.
Во Македонија годишно се произведуваат околу 50 илјади тони ајварка. Таа има долга традиција во македонското поднебје.