Министерството за внатрешни работи соопшти дека се пронајдени дрога, оружје, ножеви и други забранети предмети при денешниот претрес во КПУ Идризово на службениците од Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Оддел за криминалистичка полиција и Оддел за специјални полициски операции – Единица за брзо распоредување и СВР Скопје во координација со надлежен Јавен обвинител од ОЈО Скопје, координирано со Управата за извршување на санкции, во насока на превентивно делување и спречување на вршење на кривични дела во казнено-поправните установи.
По добиена наредба од судија за претходна постапка извршени се претреси во вкупно 25 ќелии во различни одделенија во КПУ Идризово. При претресите пронајдени се: поголема сума на парични средства од законски дозволените кои осудените лица можат да ги поседуваат во различни валути и апоени, 50-тина мобилни телефони, компјутерска галантерија, 37 ножеви и повеќе други остри предмети, дрога во прашкаста, течна состојба и таблетки и други предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со кривични дела, како што изјави портпаролот на МВР Сузана Прањиќ Талевска – известуваат од МВР.
Оттаму информираат дека дел од пронајдените предмети се одземени за понатамошна постапка од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, додека останатите предмети се предадени на затворска служба за понатамошна постапка.