Од денеска за 20 денари поскапе автобускиот превоз на релацијата Куманово – Скопје.
Наместо 150 денари колку што чинеше билетот во еден правец, сега патниците мора да платат 170 денари. Во двата правци тоа се 340 денари. За 24 работни денови секој патник треба да издвои 8160 денари.
Патниците се жалат дека поскапувањето е голем удар за семејниот буџет, бидејќи автобускиот превоз го користат главно студенти и вработени во Скопје, кои за да стигнат на работа сега мора да дадат пола плата.
Граѓаните на Куманово кои работат во Скопје и секојдневно се изложени на патни трошоци во два правци велат дека веќе не им е исплатливо да плаќаат толку високи билети за автобуски превоз, бидејќи платите не им се покачени, а сите други трошоци скоро секојдневно им растат.
Освен што тоа ги демотивира да работат во Скопје, велат дека се демотивирани да работат и во своето родно место бидејќи професијата со која се занимаваат не е просперитетна во Куманово.
Новото покачување на цените секојдневно ги погодува граѓаните на Македонија и секојдневно сведочат на нови и драстични поскапувања на прехрамбените производи, услугите и покачувања на цените во други дејности.