На социјалните мрежи започна да се шири интересна мапа на Европа која прикажува дали како гостин во домаќинствата во европските земји ќе бидете послужени со храна.
Земјите се поделени во 4 категории: речиси секогаш, веројатно да, веројатно не и речиси сигурно не. Нашата земја, ако воопшто и има сомнеж, се наоѓа во првата категорија.
Мапата е објавена на Инстаграм профилот „loverofgeography“, а покрај објавата стои дека мапата прикажува кај има најмногу шанси „домаќините спонтано да ви понудат храна“. Иако во продолжение се наведува дека мапата не е изработена по некоја суперпрофесионална методологија, таа се чини прилично точна.
Покрај Македонија, во земјите во кои сигурно ќе бидете послужени со храна како гостин се и останатите земји од Балканот и медитеранскиот круг, со исклучок на Франција и северна Италија. Тие спаѓаат во категоријата „веројатно да“ заедно со Словенија, Унгарија, Чешка и Словачка и земјите од источна Европа, вклучувајќи го и Балтикот. Во оваа категорија се и Ирците и Шкотите.
Нивните соседи Англичаните и Велшаните се во третата категорија, заедно со северна Франција, Белгија и земјите во кои се зборува германски, додека според оваа мапа најмалку ќе се „најадете“ во домаќинствата во северна Германија и Скандинавија.
Швеѓаните нема да нахранат странци
Оваа мапа многу брзо стана вирална, а луѓето на интернет ги споделуваат своите искуства. Најчестите коментари се за Шведска, која често се смета за совршено место за живот.
Живеев во Шведска многу години. Еден пријател ми раскажа дека неговата тетка, секој пат кога го чувала, ѝ испраќала сметка за намирниците на неговата мајка, искоментирал еден корисник на Твитер, а друг додал:
Се смеам бидејќи читам дека Швеѓаните нема да нахранат странци. Како деца, едноставно за време на вечерата знаевме дека треба да си одиме дома. Од друга страна, мојата мајка ги хранеше шведските деца.