Избегнување на контакт со диви животни и консумирање на термички добро обработено месо од диви животни, се дел од препораките за заштита од мајмунски сипаници објавени од Министерството за здравство (МЗ).

Објавата на Министерството за здравство на социјалните мрежи се состои од неколку илустрации со објаснување што се мајмунски сипаници и како граѓаните да се заштитат.

Се препорачува и оние што професионално имаат контакт со заболени диви животни да користат заштитни ракавици, маски и очила. Меѓу советите на министерството е и избегнувањето на близок контакт со лица кои се заразени или за кои постои сомнеж оти имаат мајмунски сипаници.

Периодот на инкубација на мајмунските сипаници е од 5 до 21 ден, зависно од начинот на пренесување и изложување на болеста.

Во мај се откриени повеќе од 300 потврдени или сомнителни случаи на мајмунски сипаници. Тоа е обично поблага болест која се шири со близок контакт и предизвикува симптоми слични на треска и карактеристичен осип. Повеќето случаи се пријавени во Европа, наместо во Централна и Западна Африка каде што вирусот е ендемичен.