Во повеќе хрватски градови денеска се одржуваат протести во знак на поддршка на Мирела Чавајди – трудницата на која не ѝ беше дозволено да ја прекине бременоста во Хрватска, по што одлучи тоа да го направи во Словенија. Нејзиниот храбар јавен настап поттикна граѓански и правни дејствија и иницијативи.
Протестите наречени „Доста! Уништување на јавното здравје и занемарување на здравјето на жените!“ се одржаа низ цела Хрватска. Протесттите се одржаа во знак на солидарност со Чавајда, но и со сите жени на кои им бил ускратен законски гарантираниот абортус и други форми на здравствена заштита во Хрватска.
Освен во Загреб, граѓани протестираа и во Пула, Сисак, Риека, Сплит, Шибеник, Осиек, Задар и Корчула. Протестите во сите градови започнаа во 18 часот.
По речиси еден месец обиди да ја прекине бременоста Мирела Чавајда е на пат за Словенија. Во болница ѝ рекле дека не може да направат ваква процедура за прекин на бременоста.
Три недели претходно беше утврдено дека фетусот има голем тумор на мозокот, а прогнозата беше дека или ќе умре во утробата или ќе се роди со тешки болести и „ќе биде како растение“. Таа била и на приватен преглед, каде била користена софистицирана дијагностика, по што ѝ било кажано дека нема спас за плодот. Но кога се обидела да ја прекине бременоста, советот што го добила од неколку државни болници и рекле: „Жал ни е, ништо не можеме да направиме, најдобро е да одите во Словенија“.
Овој случај предизвика голем револт во Хрватска, поради што се организирани и денешните протести.
Доста е со уништување на јавното здравје и загрозување на животот на жените, многу лаги, изговори и манипулации, многу злоупотреби, малтретирање и тортура, многу политички игри на сметка на жените – рече Лана Бобиќ, една од организаторите на протестот.
Но, во Загреб се одржаа и контрапротести.
Овој свет е во тежок мрак и ова е показател за времето во кое живееме. Живееме во последните времиња, во последните денови. Тоа се знаци дека овој свет нема долго да трае затоа што се промовираат сите извртени вредности – рече еден антидемонстрант во мегафон.