Македонската јавност и граѓанските здруженија со многу еуфорија ја пречекаа вестта за ослободување од обвинение на велешанката Пале која во самоодбрана го усмрти својот вонбрачен сопруг.
Јавноста со големо внимание го следеше овој случај, а одлуката на велешкиот суд ја протолкува како надеж дека на крајот сепак правдата ќе победи.
Но додека се уште го коментиравме случајот со ослободителната пресуда што ја доби Пале, во јавноста одекна вест за нов случај во кој Тони Фердо го застрела својот сограѓанин Стојанчо Соколов кој со мачета влегол во домот на семејството Ѓоргиевски и посегнал по животот на членови од ова семејство.
Тони Фердо имал дозвола за поседување на пиштол и го употребил во нужна одбрана.
Сепак, надлежните проценија дека ова убиство не е убиство во нужна одбрана, туку убиство со умисла поради што Тони Фердо се гони по став 123 од КЗ и му се закануваат најмалку 10 години затворска казна и моментално му е одредена предистражна мерка – притвор.
Кој е убиениот Стојанчо Соколов?
Според сведоштвата на граѓаните на Битола, сега веќе покојниот Стојанчо Соколов бил страв и трепет за населнието.
Редовно извршувал кривични дела, како учество во тепачки и нанесувањесување на телесни повреди, но не бил доволно санкционирал за своето девијантно и криминогено однесување.
Битолчани тврдат дека досега имал над 40 кривични дела, а бил осуден само за убиство и тоа со значително помала казна од таа што реално требало да му се додели со однос на неговото дебело криминално минато.
Според А.М од Битола, Соколов располагал со социјален капитал, имал врски низ сите институции кои успешно го спасувале од реално одредена казна која му се заканувала поради неговите дела.
Тоа што институциите не го казнувале, туку со нивното непостапување му давале храброст да продолжи со вршење на тешки кривични дела, уште повеќе влевало страв кај населението во Битола.
На 21ви овој месец Соколов (44), кој веќе со години вршел терор над членови од семејството Ѓоргиевски, во 05.30 часот наутро, со мачета насилно влегол во домот на ова семејство.
Поради заканата дека некој од неговите најмили ќе настрада, Тони Фердо го застрелал провалникот и го лишил од живот.
Граѓаните на Битола сведочат и дека убиениот постојано се фотографирал со оружје, а има и фотографија со мачетата која дента на неговата смрт ја носел со себе додека провалувал во домот на Ѓорѓиевски.
Фотографирајќи се со разни оружја и објавувајќи ги фотографиите јавно, Соколов имал намера да шири страв и паника низ населението во Битола кое веќе го доживувало како закана по нивната безбедност.
Она што се уште останува мистерија и за граѓаните на Битола е кои се имињата и презимињата на луѓето од надлежните институции кои ги прикривале кривичните дела на Соколов?
Отсуство на реакција
И додека граѓанските здруженија, разни мрежи и платформи секојдневно се осврнуваа на случајот со велешанката Пале, дури и организираа прибирање на финансиски средства за помош, на нивните официјални страници по повод овој случај не можете да видите ниту една реакција.
Во јавноста единствено се огласија сограѓаните на Тони Фердо, кои на 23ти месецов излегоа на мирен протест во Битола со барање нивниот сограѓанин да се ослободи од притвор и од обвинение дека направил убиство со умисла.
Синот на Тони Фердо го опиша целиот случај пред медиумите на организираниот мирен протест пред пет дена и откри дека неговиот татко морал да ги заштити своите најмили бидејќи доколку не пукал ќе се случел фатален исход по сите присутни членови на неговото семејство вклучувајќи ги и неговите внуци, односно малолетните деца на сега веќе покојниот и ќерката на Тони Фердо.
Тој истакна дека семејството се обратило и до Хелсиншки комитет за човекови права но на нивната официјална web страна не успеавме да пронајдеме реакција за овој случај.
Последната реакција и нивно огласување е анкетен прашалник за мерење на задоволството на ЛГБТ заедницата од општествениот и институционалниот третман и поздравување на одлуката на велешкиот основен суд за ослободување на велешанката Пале од обвинение за убиство.
Дали отсуството на реакции во јавноста од граѓанските здруженија и разни експерти дава впечаток на стимулирање на користење двојни аршини во дефинирањето на дело и негово третирање во судница?
Дефинитивно ослободителната пресуда за велешанката Пале и квалификување на делото како убиство во нужна одбрана направи преседан во македонското судство. Но таа одлука не смее да остане преседан, туку е репер по кој ќе се мераат сите такви случаи понатаму.
Според основниот принцип по владеење на правото – Сите сме еднакви пред законот и граѓанските институции и случајот со Тони Фердо не треба да е помалку провокативен за јавноста само поради тоа што делото не го направила жена.