Соевите омикрон и делта се двата типа на ковид-19, кои се присутни во Македонија во овој бран. Од нив најдоминантен меѓу заразените е омикрон, чија карактеристика е екстремно брзото ширење, велат од Министерството за здравство.
Оттаму нè информираа дека анализите на лабораторијата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат дека меѓу новозаразените циркулираат два типа вируси, од кои дури 90 отсто од новите случаи се од омикрон сојот, а само 10 отсто од делта сојот.
Во моментов, во лабораторијата на ИЈЗ не се детектирани подваријанти на омикрон. Од одделот за вирусологија информираат дека со секвенционирање се детектираат и потиповите – велат од Министерството за здравство.
Инаку, високо преносливата омикрон варијанта позната како БA.1 сега е одговорна за речиси сите инфекции со коронавирусот на глобално ниво.
Сепак, научниците во светот сега следат пораст на случаи предизвикани од близок братучед на омикрон познат како БA.2 или „стелт“, кој почнува да се натпреварува со БA.1 во делови од Европа и од Азија.
Некои рани извештаи покажуваат дека БA.2 може да биде уште позаразна од веќе екстремно заразната БA.1, но досега нема докази дека е поголема веројатноста да ја избегне заштитата од вакцините.
Данските здравствени власти врз основа на првичните податоци, проценуваат дека БA.2 може да биде 1,5 пати попренослив од БA.1, иако веројатно не предизвикува потешка болест.
Анализите на здравствените институции во Англија посочуваат дека преносот во домаќинството е поголем меѓу контактите на луѓето заразени со БA.2 или 13,4 отсто во споредба со другите случаи на омикрон или 10,3 отсто.
Покрај поттиповите, БA.1 и БA.2, Светската здравствена организаиција наведува уште две подваријанти под капата на омикрон, како БA.1.1.529 и БA.3.
Сите се тесно поврзани генетски, но секој од нив има мутации кои би можеле да го променат начинот на нивното однесување.