Електронските цигари и други слични производи се опасни по здравјето и нивната употреба треба да се регулира, со цел да се спречи тутунската индустрија да „регрутира“ потенцијални купувачи од самиот почеток, предупреди СЗО во вторникот.

Никотинот создава многу зависност, а електронските инхалатори за никотин се исто толку опасни, па нивната употреба треба да биде подобро регулирана, рече шефот на агенцијата на ООН, Тедрос Аданом Гебреизус, кој објави нов извештај за борба против пушењето во вторникот.

Во извештајот се вели дека производителите на вакви производи, чиј асортиман продолжува да се шири, честопати се насочени кон деца и адолесценти кои ги привлекуваат илјадници различни вкусови (во извештајот се наведува дека има дури 16.000).

Мајкл Блумберг, милијардер и поранешен градоначалник на Њујорк, кој долго време се занимаваше со борба против пушењето, ги осуди тактиките на тутунските компании.

Со оглед на забележаниот пад на продажбата на цигари, тутунските компании агресивно промовираат нови производи како што се електронски цигари или слични производи од тутун и лобираат во владите за ограничување на постојните регулативи. Нивната цел е едноставна: да придобијат нова генерација на зависници од никотин и не можеме да го дозволиме тоа, рече Блумберг.

Затоа, шефот на СЗО смета дека во земјите каде овие производи не се забранети, „владите треба да донесат соодветни мерки за да го заштитат нивното население од опасностите што ги носи електронскиот инхалатор за никотин и да се спречи нивната употреба кај деца, адолесценти и други здрави луѓе и групи.