Секој од нас поретко или почесто е дел од животни случувања и настани на кој се собира поголема група на луѓе.
Без разлика дали станува збор за фамилијарен собир, пријателски собир, годишнина од матура или обично излегување со пријатели, опкружени сме со поголем број на луѓе од различни профили.
Некои ни се поблиски до нашите разбирања, темперамент, вредности и ставови, а некои ни се сосема далечни и туѓи.
За среќа можеме да си го избереме друштвото со кое ќе поминеме подолго време и ќе споделиме податоци, ќе се афирмираме, рекреираме или забавуваме.
Па така освен што може да избереме со кои луѓе да бидеме во друштво може и да избереме колку често ќе се гледаме со нив.
Едно е сигурно постојат неколку профили на луѓе кои се непријателни за најголем број, ако не и за сите:
- Малограѓани
Од малограѓанин не можете да слушнете ништо паметно, ниту забавно, а уште помалку креативно, освен трач.
Тие се бесконечно завидни, љубоморни на туѓите успеси и среќа, се споредуваат со секој жив.
Ако не им ласкате или не се вплеткате брзо во нивната малограѓанска мрежа, бидете подготвени за секаков тип на провокации преку кои ќе се обидат да се надмудруваат со вас и да ве позиционираат како предмет на исмевање во друштвото.
Најдобар начин да се справите со нив е да им укажувате директно дека сте свесни за тоа што тие сакаат да го постигнат и да ги демистифицирате со искреност, аргументи и сигурен и цврст став.
Немој да им ја играте играта и да се надмудрувате со нив фрлајќи ситни провокации, едноставно останете достоинствени и покажете им дека сте свесни што сакаат да постигнат и на каков начин.
- Жртви
Најтешката судбина се свалила врз нивните плеќи, тие се современите Прометеи кои ги крадат тајните на божествата и ги носат да го унапредуваат човештвото.
Но за тоа се казнети, вечни страдалници.
Ако не сте подготвени да глумите лаички психотерапевт за беспари, немојте да се опкружувате со такви луѓе.
Ќе се чувствувате како потрошен материјал и инструмент на себичен човек.
Во првиот момент кога ќе се обидете да го свртите вниманието кон себе, нив веќе ќе ги снема од масата.
- Скептични луѓе
Тие се затворени, пресметливи, во вас гледаат потенцијална опасност.
Со нив никогаш не можете спонтано да се организирате или да кажете нешто што нив ги вклучува а да при тоа не треба да си ги докажувате и објаснувате своите намери до бесконечност.
Скептичните луѓе на сите гледаат како на непријатели, па зошто би се труделе да видите баш вие пријател во некој на кого целиот свет му е непријателски?
- Неблагодарни
Сте направиле милјарда добри работи и услуги за нив, а никогаш не сте добиле барем мал знак на внимание кој ќе ви укаже дека тие го забележуваат она што вие го правите за нив.
Тие сметаат дека вам ви е должност да им бидете на располагање постојано и го трошат вашето време и пари.
Покажете им дека немате никаква обврска да бидете тука за нив и дека се што сте правеле е само ваша добра волја која мора да се негува од двете страни за да се одржи.
- Скржави
Го знаете она: „Што е мое е мое, што е твое е наше“.
Постојат голем број на луѓе кои го вреднуваат своето, но не и туѓото.
Тие мислат дека имаат право секогаш да земат од другите, без да дадат.
Скржавите луѓе немаат почит кон вашата добра намера, кон вашите пари, кон вашата сопственост и на крај кон вашата личност.
Зошто би биле во друштво на некој кој не ве почитува и не ве вреднува како личности, туку како Дедо Мраз со полна вреќа подароци.
За жал митот за Дедо Мраз живее многу повеќе во умот на возраснисте отколку во умот на децата.
Автор: Магдалена Стојмановиќ