Бразилскиот сој на короронавирусот сѐ уште не е регистриран во Србија, соопштија тамошните здравствени власти откако вчера се појавија сомнежи дека мутацијата е забележана кај северниот сосед, што предизвика загриженост и во регионот.
– Бразилскиот сој не е регистиран во Србија, но ако веќе е во Европа, тогаш може да биде прашање на часови додека не го регистрираме. Широката вакцинација е единствениот начинда се спречат новите соеви. Тоа е решение за се. Засега, сите вакцини докажано делуваат на сите мутации и даваат заштита – изјави српскиот министер за здравство Златибор Лончар при гостувањето на РТС.
Бразилскиот сој беше регистриран во Хрватска на 30 јануари, додека во Словенија беше забележан минатата недела, кај три членови од исто семејство од Марибор.
– Бразилскиот вид познат како П.1, претходно беше забележан и во Белгија и во Шведска, како и во Мексико и во Колумбија, откако неговото постоење беше утврдено на 10 јануари во Бразил. Научниците наведуваат дека бразилскиот вид создал 17 мутации на вирусот ковид-19 од кои три се на т.н. шилест протеин, со што може да се заклучи дека е поинфективен. Проблематична е и мутацијата E484K, која се претпоставува дека може да доведе до зараза и кај оние лица кои веќе го прележале вирусот и развиле имунитет – наведува „Дојче веле“.