Еден час џогирање или трчање од пет до 10 минути на ден е подеднакво добро за здравјето и долговечноста, велат американски истражувачи.

Студија на научници од Универзитетот во Ајова, објавена во Журнал на Американскиот колеџ за кардиолози, открива дека трчањето по неколку минути на ден го продолжува животниот век исто толку ефективно како и долготрајното џогирање.

Студијата вклучува 55.000 возрасни лица, со просечна возраст од 44 години, кои биле следени 15 години.

Луѓето кои трчаат само пет до 10 минути на ден можат значително да го намалат ризикот од кардиоваскуларни болести и предвремена смрт.

Авторите на студијата не забележале големи разлики помеѓу луѓето кои трчаат малку (50 минути неделно) и оние кои трчаат многу (150 минути неделно), без разлика дали тоа го прават брзо или лесно (помалку од 10 километри на час).

Општо земено, луѓето кои избираат да трчаат како форма на физичка активност имаат 30% помали шанси да доживеат предвремена смрт и 45% помалку шанси да умрат од некои кардиоваскуларни болести во споредба со оние кои не трчаат.

Бидејќи недостатокот на слободно време е главната причина зошто не се занимаваме со никаква физичка активност, оваа студија може да ги охрабри луѓето да започнат да трчаат, коментира водачот на истражувањето Дак-Чул Ли.

Дури и групата луѓе што поминуваат најкратко растојание (до 10 километри) неделно, кои го прават тоа најмалку (еднаш или двапати) и најбавно (помалку од 10 километри на час) имаат поголема веројатност да живеат до многу стара возраст отколку луѓето кои не трчаат, се истакнува во студијата.