Милчо Мисоски е роден на 26 септември 1972 година во Струга. Бил еден од уредниците на училишниот весник „Јужен бран“ во Охрид. Наградуван е на Радио Охрид за поезија. Во 1989 година бил учесник на „Ратковиќевите вечери на поезијата“ во Бијело Поље (Црна Гора), каде што добил награда за најдобра книга од млад автор. Негова поезија е објавувана во повеќе списанија на просторот на поранешна СФРЈ, како во „Мостови“, „Одзиви“ итн. Бил учесник на Европскиот поетски фестивал во Плав (Црна Гора) во 1990 година. Застапен е во антологијата „Поетите од Струга“ од Разме Кумбароски, во издание на Струшките вечери на поезијата (2001), како и во други литературни поетски зборници. Учествувал во антологиите „Дај две љубовни!“ (2015) и „Нема стих, нема мир!“ (2017). Досега има објавено четири поетски збирки: „Чекајќи го ангелот“ (1991), „Записки“ (2013), „Изневерено време“ (2016) и „Песочни капки“ (2017). Живее и твори во Струга.

Магдалена Стојмановиќ (МС)Вие сте лекар по вокација кој воедно пишува поезија. Освен тоа што сте стручен познавач на телото како еден аспект од човекот, сте познавач и на човечката душа и дух. Како успевате да ги поврзете вашите лекарски искуства и познавањата со поезијата која ја пишувате?

Милчо Мисоски (ММ): Како одговор на ова прашање ќе се послужам со дел од рецензијата на Душко Крстевски напишана кон книгата “Песочни капки”од 2017 во издание на Антолог.“ Дали воопшто постои такво нешто како професионален поет?

Милчо Мисоски не го носи баластот на ова прашање при своето пишување.

Иако има објавено неколку книги не се труди да предничи во првите редови со т.н. “професионални поети“ .

Токму таа двојна природа на лекар и поет му овозможува да ги избалансира обвие две нешта, да умее правилно да ја одреди дијагнозата на чувството и да го напише стихот како терапија“ .

М.С.: Скоро бевте учесник на меѓународниот поетски фестивал “Литературни искри” и сте добитник на првата награда.

Може ли да ни откриете повеќе детали за песните со кои се представивте и Вашето искуство од учеството на фестивалот и секако добивањето на првата награда?

М.М.: Би сакал да изразам огромна благодарност кон членовите на комисијата и организаторот на овогодинешниот 7-ми по ред Меѓународен поетски фестивал  – “Литературни искри” за успешната организација и реализација .

За прв пат учествувам на овој фестивал кој годинава од познати причини беше on – line организиран, како празник на поезијата.

Добивањето на првата награда представува посебна чест и се разбира потик за понатаму.

За мене сите учесници на фестивалот, на поетското дружење се победници.

Импресиите се прекрасни.

М.С.: Велат дека лекарите користат различни инструменти за да вршат прегледи, воспостават дијагнози, третираат болест.

На поетите, пак единствениот инструмент им е зборот. Како успевате искуствата да ги преточите во мрежа од зборови и дали зборот е инструмент да ги прикажете своите субјективни доживувања и да го пренесете вашиот дух на хартија?

М.М.: Јазикот е живо битие, а зборот е инструментот со кој се прават сите интервенции. Мислите и чувствата како да се создадени од иста материја само понекогаш се наоѓаат на различната страна од реката.

Тајната на создавање е чин на невиност во која се преточуваме себе си целото свое битие и се она што го носиме во нас.

Иако зборовите постојат само во нашата позната зададена сегашност тие не стареат  тоа е предизвикот на иднината за храброто чекорење кон непознатото.

Нема место каде зборот не бил и каде не се остварил без разлика на времето или просторот на поимање.

М.С.: Имате издадено неколку поетски збирки, може ли да ги претставите вашите објавени дела на нашите читатели и да ни најавите можеби што следно може да се очекуваме од Вас?

М.М.: Се разбира најтешко е да се зборува за себе си.

Се започна далечната 1989 г. со моето учество Ратковичевите вечери на поезијата во Бјело полје – Црна Гора. Во 1991 година излегува од печат првата поетска збирка Чекајќи го ангелоткоја беше прогласена за најдобра поестка книга од млад автор на конкурсот на Книжевна младина на Македонија која во препев на српско хрватски јазик беше издадена во МОСТОВИ во текот на 1993 и 1994 година и минатата година го доживеа своето второ издание со препев на англиски јазик во издание на издавачката куќа Антолог од Скопје.

По пауза од две цели децении следуваше “Записки” во 2013 година ,поетска книшка која претставува мој личен поетски дневник.

(Милчо Мисоски навистина живее со книжевноста што може да се согледа од неговиот тематски но уште повеќе од стилски пристап кон двете доминантни средишта: моќта на зборот и нијансите на љубовта. “Записки” започнува со библиски засведочениот прапочеток, односно од моментот на создавањето на Светот, за да продолжи да се развива и да се доразвие во неозначено време и простор, со поетска мисла во која проблеснува мудроста на вековите низ една филозовско –психолошка призма.

Во потрага по животните одгатки поетот пронаоѓа изненадувачки одговори во кои имаме неколку низи на поими со сродно, приближно еднакво значење, една од нив е живот-доблест љубов…од рецензијата на Тоде Илиески )

Во 2016 година во издание на издавачката куќа АНТОЛОГ излегува од печат  збирката поезија со наслов “ Изневерено време“ во која се гледа мој нов поетски обид со нова тематика:

(Поет кој доаѓа со сигурен чекор во простор што се освојува со творештво со примена на сигурна постапка и со строго утврдени мерила на уметничкиот израз. Книгата Изневерено време од Милчо Мисоски е дело потикнато од застрашувачката реалност моралниот пад и назадувањето на човештвото наспроти усилбите и надежите на разумното битие или лирскиот субјект… од рецензијата на Тоде Илиевски)

“Јас во се и се во мене“ е можеби реченицата со која најдобро може да се опише последната поетска збирка “ Песочни капки“  од 2017 година во издание на  Антолог.

М.С.: Каква е улогата на поезијата во општеството? Каква сеопшта корист има од поезијата општеството? Да го цитирам Достоевски Ќе успее ли книжевноста да го спаси светот” или како Платон што налага –“ ќе треба да го избркаме Хомер (поетите) од идеалната држава бидејќи немаат особена улога освен да шират заблуди и страдање на душите?

М.М.: Можеби ќе звучи како парафраза “Поезијата ќе го спаси светот – не зошто другите не можат или не сакаат туку зашто немаат време“.

Поезијата е се што ќе посакаме – од дијалог помеѓу културите до монолог со себе си. Во овој контекст неминовно се наметнуваат стиховите од песната “Поезија ќе пишуваат сите “ на големиот Бранко Миљкович.

Во време во кое секој (ќе) пишува поезија, да се пишува (барем) сериозно претставува, изгледа како луксуз, како и вистински (сериозно) да се живее.

Денес, се чини дека поезијата и се она што таа претставува е на маргините потурната настрана во некој агол на одајата…

Поезијата ја има моќта на медиум кој може да пренесе универзални пораки, пораки кон промена на нас самите.

Да се слави поезијата секогаш е благороден чин.

(Интервју на Магдалена Стојмановиќ) за Трибуна