Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) алармира за постапката на градот Скопје, кој преку јавна набавка планира да инвестира средства на граѓаните за кампањи во приватни телевизии и онлајн медиуми за промоција на активности на градот.

Според огласот за јавна набавка, достапна на Електронскиот систем за јавни набавки, градот Скопје предвидува да инвестира речиси 5 милиони денари за ,,Подготовка и имплементација на промоција на кампањи за посебни проекти за активностите на градот Скопје” преку маркетинг агенција. Укажуваме дека со ваквиот начин на финансирање на медиуми Градот Скопје го прекршува мораториумот за забрана на јавни кампањи во приватни медиуми и директно го прекршува членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за забрана за рекламирање, како и Одлуката на владата за забрана за рекламирање во традиционалните и онлајн медиуми од 2017 година.

Праксата за плаќање јавни кампањи со пари на граѓаните, освен што е незаконска, може да поттикне и други единици на локалната самоуправа да ја применуваат, со што дополнително би се нарушил кревкиот медиумски пазар, и би се загрозила независноста на медиумите преку поддржување на „пријателски медиуми“ и игнорирање на оние кои се критични.

Потсетуваме дека скапо платените јавни кампањи преку кои би се откупувал простор на селективен начин од страна на Владата и локалната власт не е начин за поддршка на медиумите, туку може да се претвори во обид за нивно корумпирање и истовремено промоција на политичко-партиски агенди кои не се од јавен интерес.

Затоа ЗНМ повеќе од две години инсистира на создавање на Фонд за слободни медиуми, преку кој ќе се поддржуваат проекти од јавен интерес. Само на овој начин може да се даде шанса за објективна поддршка на квалитетни новинарски продукти преку кои ќе се овозможи финансирање на проекти за истражувачко и аналитичко новинарство, но и за продукција на документарна, образовна, забавна и едукативна содржина. Ова е единствениот начин доколку Владата и локалните власти искрено сакаат да го помогнат професионалното новинарството, истовремено да придонесат за подобрување на примањата на новинарите и медиумските работници а со тоа и на кревање на социјалниот стандард во медиумскиот сектор.