Лицата кои отслужуваат затворска казна се подложени на процес на ресоцијализација кој го спроведуваат воспитувачите. Во рамките на сектор за ресоцијализација во затворите, постојат различни профили на воспитувачи меѓукои: психолози, социолози и социјални работници. 

Сепак, секторот за ресоцијализација во затворите се соочува со недостаток на кадар, пред се психолозите кои се дефицитарна струка што дополнително го отежнува процесот на ресоцијализација и можноста за пенален рецидивизам, односно повратништво во затворите.

За голем дел од затворениците важи правилото дека доколку еднаш влезат во затвор тој станува нивен дом, најмногу поради повратништвото. Покрај неуспешниот процес на ресоцијализација во затворите, општеството не пружа доволно помош и грижа за лицата кои завршиле со отслужување на затворската казна.

Од Управата за извршување на санкции информираат дека вкупен број на вработени воспитувачи – социјални работници и психолози во КПУ е 32. Овој број е значително мал во споредба со бројот на лица кои отслужуваат затворска казна. За споредба само во КПУ Идризово во 2021 имало 1102 лица на отслужување затворска казна. Според препораките за ресоцијализација, еден воспитувач треба да води помала група на затвореници за постигнување на целите, но во македонските затвори се случува еден воспитувач да работи со големи групи од стотици затвореници поради што се губи значењето на индивидуалниот притап кон затвореникот.

Управата за извршување на санкции информираше и дека во нивните програми секоја година се предвидува вработување на поголем број воспитувачи, но тие програми се уште не се дозволени од Министерството за финансии.

Управата за извршување на санкции како орган при Минисерството за правда, планира секоја година нови вработувања во сите сектори во казнено-поправните установи вклучително е секторот за ресоцијализација, меѓутоа се уште нема позитивно мислење од Министерството за финансии во однос на годишниот план за вработување за 2022 година и се уште се чека на одговор од Минисерството за финансии, стои во извештајот од Управата за извршување на санкции.

За кратко влегуваме во десетиот месец од 2022 година, а Управата за извршување на санкции се уште чека на одговор за планот за вработување од Минисерството за финансии за 2022 година, што ја покажува неагилноста на институциите во Македонија и спороста со која тие постапуваат во однос на предметите кои се под нивна надлежност.

Народниот правобранител во извештајот даден за нашата редакција кусо ги оцени затворските услови како нехумани и понижувачки пред се поради преполнети сместувачки капацитети и поради тоа што голем број од затворениците спијат по ходници и на душек.

Народниот правобранител истакна и дека покрај недостаток на кадри за ресоцијализација на лицата кои извршуваат затворска казна, затворите се соочуваат и со недостаток на лекари. Лекарите не сакаат да работат во затворите, пред се поради лошите услови кои владеат таму и поради тоа што во македонското општеството затворениците се двојно стигматизирани.

Од вкупниот број на претставки од затворениците кон Народниот Правобранител во 2021 година само една третина од констатираното кршење на човекови права од Народниот правобранител добиле судски епилог. Чекањето на судските пресуди и долгиот процес во докажување на вистината и правдата дополнително го продлабочува јазот на дискриминацијата во македонското општество.

Автор: Магдалена Стојмановиќ

Можеби ќе ве интересира: