Секој човек има посебен однос кон тајната, некои ја преферираат, некои се плашат од нејзината моќ, некои се робови на тајните.
Како и да е тајната има моќ сама по себе, бидејќи таа е лично ваш однос кон нешто кое сакате да го соувате од очите на другите (Пример со дете кое крие играчка од другарите). Тајната ја одразува себичното чување на нешто кое не сакате да го делите со другите (Чин на собирање пари во касичка). Во одредени случаи тајната значи ваша лична убеденост дека правите нешто исправно иако имате општествени табуа за тоа (Во средини каде што е забрането образование на жена, нивни скришно учење и читање) и многу други примери во кои тајната има некоја посебна магија.
Секако има и низа примери во кои тајната „крие“ некој нелегален чин, некој се држи во заложништво и се уценува (шпионски и кодошки афери) и сл.
Тајната може да има и коруптивна улога особено затоа што сакате од некого да ја скриете, а доколку се соочите со опасност таа да биде откриена, тогаш многу често правите и невозможни работи само да ја сочувате скриена. Тој психолошки ефект го користат многу луѓе кои имаат манипулативни моќи или сакаат да ве држат под некој вид на заложништво.
Пред да дозволите да бидете нечиј заложник, неколку факти за психолошките ефекти на тајната кои треба да ги знаете:
- Моќта на тајната исчезнува откако таа ќе биде откриена
Последиците од кои се плашите да се соочите не само што ни одблиску нема да се случат како што ги замислувате, туку и изрекувањето на тајната ќе ви обезбеди ослободување и мир.
На пример децата често се кријат од родителите дека се пушачи сметајќи дека тоа сознание целосно ќе ја смени перцепцијата на родителот и неговата љубов кон детето. Сепак, податокот дека сте пушач воопшто нема да допре до родителот на тој начин како што претпоставувате.
Нормално е дека ќе разбуди грижа како и мал милион други работи, но ниту еден родител нема да престане да го сака своето дете доколку пуши цигари.
Искажувањето на тајната само може дополнително да помогне да се соочите со проблемот. Можеби сте пушач само заради тоа што наоѓате задоволство да правите работи кои се забранети и со тоа да ја потврдувате слободата. Но реалната слобода не се стекнува доколку работите ги правите таинствено, туку доколку не се плашите да се соочите со сите можни реакции кои се оптег.
- Зборувајте јавно за вашите проблеми
Оние кои ве држат во заложништво преку тајната најмалку сакаат да се зборува јавно за проблемот, бидејќи во моментот кога ќе и го укинете постоењето на тајната вие целосно се ослободувате од нив.
Секој има право да ги интерпретира работите од лична позиција, но и вие ја имате својата која треба јасно и гласно да ја претставите во јавноста.
Често пати жртвите на семејно насилство, најчесто деца и жени, никогаш отворено не зборуваат за тоа дека се жртви на насилство. Ние сме израснале во систем на вредности кој не учи дека – воспитен шамар и ќотек одат рака под рака со љубов. Родителите со години преку „телесни казни кои преминуваат во класично физичко насилство“ ја оправдувале реченицата „посакувам најдобро за своето дете“. Таквата контрадикторна позиција создава амбивалентни односи на децата со родителите и обратно (Електра комплекс, Едипов комплекс) кој понатаму произведува болести и девијации кај луѓето.
Истото се пренесува и на брачните односи. Никој не смее да простува насилство – ниту психички терор, ниту физички. Една лузна или една минута вознемиреност што доаѓа од партнерот е аларм дека треба да ја напуштите вашата заедница.
Понекогаш добро е да се побара и помош од институциите, бидејќи тие се одговорни за одржување на систем од вредности во кои не се стимулира насилство и во кое приватното е и јавно.
- Секој има тајни
Секој човек има тајни или работи кои би сакал да ги скрие од очите на јавноста. Доколку некој се обидува да ве стави на столб на срамот поради некоја ваша тајна, тогаш немојте да му го ускратите тоа задоволство. Пуштете го да ја изнесе наместо вас тајната, но не престанувајте да се борите за вашата страна од приказната.
Никому не треба да се оправдуваме за своите постапки, наместо да бараме оправдувања за себе, треба да се поставиме во позиција на напад, а не на одбрана. Мечувајте се со личноста која има намера да ве запоседне, а не со содржината на тајната која само во ваша глава создава кочници, срам, страв и непријатност.