Во изминатите неколку години на македонската политичка сцена и во македонското општество најголемите промени ги предизвикуваат „луѓе од сенка“.

Тие луѓе од сенка поради малку познатите обележја се нарекуваа: свиркачи, анонимен укажувач, а во последно време и „македонски хакер“ или „македонски анонимус.

Власта се менуваше преку „бомби“ кои се доставувани во јавноста преку медијација. Бомбите содржат корумпирачки информации за партиски опоненти и се најсилното оружје на едните против другите пред јавноста.

Откако „бомбите“ станаа демоде и Законот за ЈО го поттикна прашањето за повреда на правото која се случува како резултат на сомнителниот начин на нивното прибавување, се случуваат други промени потикнати од луѓе во сенка.

Во македонската власт, извршна, судска и законодавна се инсталирани цели системи од луѓе т.н. „денунцијанти“ или „ситни кодоши“ кои праќаат инсајдерски информации до луѓе од партијата или пропагандисти кои пак располагајќи со такви информации вршат разни уцени и притисоци.

Македонија е еклатантен пример за психологија на „Големиот брат“ само што во нашиот случај секој може да биде „Големиот брат“. Кога тиранијата не е лоцирана во поединец или група на поединци, тогаш нејзината флуктуација е огромна, а паранојата е сеопшто присутна и таа се сузбива со лексилиуми, дијазепами, алкохоли и разни други лекови.

Во последно време, актуелност се „македонските хакери“ или „македонските анонимуси“ исто така луѓе за кои се што знаеме е дека ништо не знаеме, ама тие за кои ништо не знаеме ни го менуваат секојдневието, ни го уридаат системот и не тераат да ги преиспитуваме и успориме нашите одлуки.

Ова не е време на харизматски лидери и лидери воопшто, не е време на личности, ова е театар на ликови и улоги. Ова е симулакрум во кој владее илузија, незнаење, фејк профили и луѓе кои делуваат како софтверски алатки но вршат исклучителна промена во „мрежното општество“.

Денешниот човек Роберт Музил го именуваше како „Човек без својства“. Постои голема еквивалентност помеѓу „човекот без својства“ и денешниот човек. Од преголем страв да не бидат „чипирани“, „контролирани“, „демистифицирани“ луѓето се кријат зад своите идентитети, во маси, топли, лажни профили на социјалните мрежи и сл.

Се помалку ставот излегува од личност со модус вивенди која по себе значи „пример, лидер и порака“ а се повеќе „ставот е ехо од некоја длабока пештера“.

Извор: Мој збор