Во животот сте сретнале луѓе кои постојано алудираат на својата влошена здравствена состојба, иако медицината не може да воспостави дијагноза за болест. Понекогаш се случува дури и да одбиваат посета на лекар и стручна помош под изговор дека немаат доверба во медицината и во лекарите и дека нивната состојба е толку драстична, што не може да се промени кон подобро.

Додека вие се обидувате да најдете решение за проблемот, особено ако овие луѓе се дел од ваше блиско опкружување, тие постојано ви го враќаат фокусот на самиот проблем обесхрабрувајќи ве во вашата потрага по решенија.

Ова состојба ја нарековме морбиманија, или занес по болес. Латинскиот збор morbus во превод значи болест, а зборот mania води потекло од ст. грчки јазик и во превод значи занес, или во одредени случаи се преведува и како болест. Морбиманија е кованица од два збора, едниот латински, а другиот старогрчки и во буквален превод значи занес од болест. 

Луѓето кои страдаат од морбиманија, себе си најчесто се претставуваат како неизлечиво болни, слаби, кревки, онеспособени, со неможност да одговорат на задачите и своите должности и тоа најчесто го прават пред точно одреден круг на луѓе.


Мотиви на морбиманот 
  • Префрлање на одговорност 

Претставувајќи се како неизлечиво болен и тоа точно пред одредени личности – сопруг/а, деца, родители, колеги од работа, претставници на институции, морбиманот бара од нив да ја преземат неговата одговорност и да сработат нешто наместо него/неа. Идејата на морбиманот е да не преземе одговорност за ништо, а својата пасивна состојба ја оправдува со единственото социјално прифатливо стојалиште на болест. Само болест може да го поштеди од активност.

  • Потреба од сожалување 

Кога морбиманот нема доволно внимание од другите, тогаш очајно го бара претставувајќи се себе си како болен човек. Овој модел на однесување е научен во раното детство, бидејќи кога детето е болно, добива посебна грижа, третман и нега од родителите и блиските луѓе.

Возрасните луѓе не успеале да најдат друг модус на свртување внимание кон себе и своите потреби и по аналогија го користат добронаучениот модел во детството на свртување внимание. Тие симулираат болест очекувајќи посебен треман и нега од другите.

  • Неспособност да се продолжи понатаму по животен пораз 

Сите во животот доживуваме животни порази и секој различно се опоравува од нив. Морбиманот може да ја облече улогата на „Болен Дојчин“ со цел да ја оправда својата слабост и неможност да продолжи понатаму по тој пораз. Во овој случај морбиманот е свесен дека животот мора да продолжи понатаму, тој не сака да се прикаже како губитник, а својот очај и слабост ги препишува на некоја болест, а не на слабиот дух.

Како да постапите доколку се среќавате со морбиман?
  • Инсистирајте на решение. Доколку ви се жали постојано дека е болен, одговорете дека единствено лекарите можат да му помогнат и упатете го да побара решение на вистинско место.
  • Оградете се од одговорност и кажете дека не сте способни, ниту моќни да решите проблеми од здравствена природа, освен ако вие сами не сте лекар / ка.
  • Занемарете ги разговорите поврзани со болест и обидете се да го свртите разговорот кон други теми. Почнете да зборувате за сопствените успеси, но и колку труд и активност сте вложиле да стигнете до нив. На тој начин на морбиманот ќе му дадете до знаење дека ги вреднувате луѓето кои целат кон успех и се борат, а не оние кои за остварување на своите потреби и цели, лежат во кревет и глумат болест.
  • Понудете конкретна помош. Доколку не прифати, одговорноста останува на морбиманот. Нема веќе да може да ја игра играта на префрлање на одговорност и да ви индуцира вина дека тој очајнички бара помош, а не ја добива од никого.
  • За крај што помалку влегувајте во комуникација со нив. Кога се сами тие многу добро се грижат за себе. Потребата да создадат слика на болен човек е само добар театар. Овие луѓе се високофункционални и многу егоистични, своите потреби ги ставаат на прво место и тие секако ќе најдат начин да дојдат до нивно исполнување. Само вие не прифаќајте да бидете нивниот инструмент.

Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов