Времето е една посебна категорија (димензија), која многу малку ја разбираме. Она што дефинитивно го знаеме е дека е ограничено во нашите животи и дека не е константно во нашите доживувања. Имено, времето знае да лета брзо, или навидум воопшто да не се ни движи, се во зависност од дадената ситуација. Кога го минуваме времето со луѓето кои ни се драги, тоа пролетува брзо, незапирливо ни се лизга низ раце, и како никогаш да не ни е доволно. Спротивно на ова, кога ни е непријатно, како воопшто да не тече, туку како да стои замрзнато во миг кој е немил, непријатен. И ќе си речеме, но времето е константа, тоа секогаш исто тече, да, научно земено, времето е константа која е мерлива, но кога го земаме во контекст на нашата перцепција и доживување, ниту едни два моменти во нашиот живот, ние не го доживуваме времето исто, и се наметнува прашањето дали постои начин да имаме поголема контрола врз нашата перцепција (или доживување) на времето? Што можеме да направиме подобро?
Понекогаш сакаме да го запреме времето, за некој миг да ни трае вечно, а тој ни бега низ прсти и се лизга како риба штотуку извадена од вода… Другпат сакаме да нешто да ни помине што побрзо, но тоа трае цела вечност!
Дали ние ја имаме таа моќ, или некаде грешиме?
Според мене, времето е најскапоцениот дар кој некој може да ви го подари, времето е единственото нешто за кое нема замена, не може да се врати назад и да се доживее пак, или да се смени, времето е еднонасочен носач на нашите доживувања. А, ние луѓето сме склони да се расфрламе со времето, како да имаме цела вечност, и тоа е нашата главна грешка. Времето кое го имам овде е ограничено, и се додека не го разбереме тоа, ќе продолжиме да го проживуваме животот, но не и да го живееме, да го гледаме времето како ни минува, но не и да го уживаме секој миг. На крајот на краиштата, кога го минуваме времето со луѓето кои ни значат нешто, тоа не прави среќни, а не е ли крајната цел на нашето време овде да бидеме среќни, зошто среќни, правиме позитивни промени за нас, за сите, за околината, за планетата. Позитивни и среќни, ние го правиме секогаш она што е најдобро. Тогаш можеби треба само да внимаваме на кого го даруваме тој скапоцен дар, нашето време и со кого ги минуваме миговите кои ни се дадена да го искусиме ова чудо наречено живот.