Постои народно верување, кое сигурно сте го слушнале и гласи: „Колку луѓето се поуспешни, толку се поскромни“.
Веројатно и искуството од комуникацијата и социјалните односи со различен профил на луѓе, оваа теза ви ја потврди во неколку наврати. Иако не е генерално применливо правило, сепак има вистина во тоа дека успешните луѓе се поскромни.
Во што се препознава нивната скромност?
Тие никогаш не зборуваат за својот успех без разлика на тоа колку големи признанија или заслуги добиле. Едноставно сметаат дека успехот е природен и очекуван резултат на нивната работа и тој едноставно мора да дојде доколку работата е сработена темелно и квалитетно.
Успешните луѓе не сметаат дека тие се поинакви од другите, а уште помалку дека се супериорни во однос на нив и незаменливи.
Напротив тие во секој еден човек гледаат богатство од посебност и поединечност, уникатно искуство и ги почитуваат туѓиот поглед на светот. Успешните луѓе се свесни дека само преку учењето, растењето и личниот прогрес може да дојдат до успех, а ароганцијата е сериозна блокада во процесот на учење, осознавање и отворена љубопитност кон работите.
Луѓето се суштества на заедницата, кои не учат само од појавите во надворешниот свест, туку и од искуствата на другите луѓе. Тоа е и смислата на воспитанието, поискусните членови на општеството да го применат своето знаење во растот, развојот и созревањето на помладите членови на заедницата.
Успешните луѓе се свесни дека секој човек носи некоја лекција, која треба да ја совладаат доколку истиот тој човек им се нашол на патот. Некои животните лекции се болни и трауматични, полни со искушенија, некои се убави и позитивни, но и двата типа искуства се еднакво важни за растот, развојот и опстанокот на поединецот особено во неговиот личен развој.
Затоа успешните луѓе се скромни и полни со почит кон другите. Што не значи дека се покорни и се повлекуваат доколку се почувствуваат нападнати и загрозени од другиот/другите.
Како успешните луѓе го гледаат успехот?
Успехот понекогаш е нужна последица од нивната работа, а некогаш доаѓа сосема спонатно и неочекувано. Едноставно не е можно да се предвиди дали еден труд ќе биде награден со успех предвреме.
Успешните луѓе на успехот гледаат низ неколку аспекти:
- Нов почеток
Упсешните луѓе имаат континуитет во својата работа и тие не се задоволуваат со исполнување на сукцесивни цели во различни временски раздобја од својот живот. Тие на својата личност гледаат како на проект на кој мора секојдневно да се работи и тогаш кога се успева и тогаш кога се доживува пораз.
- Време за акција
Едно признание, колку и да е капитално и значајно за успешниот поединец не може да биде знак дека тој ја завршил целосно својата мисија. Напротив успехот е само повик за акција и дополнителна мотивација да се преземат идни чекори и да се предвидат нови цели.
- Успехот не е траен
Успешните луѓе кон успехот гледаат како кон минлива случка во нивниот живот и се свесни дека успехот не е секојдневна реалност. Тој се случува дури и поретко одошто другите можат да видат.
Просто да се дојде до успешна приказна, потребно е да се направат многу обиди, па и грешки. Низ целиот процес на учење кој се состои од многу фази и временски периоди, успехот е само крајната фаза која е единствено видлива за другите.
- Разликуваат успех како социјална категорија, од личен успех
Успехот е тесно врзан со заедницата и тој зависи од признанијата кои ќе ги доделат институциите или другите членови на заедницата за конкретни заслуги. Но успешните луѓе, на успехот не гледаат само како на социјална категорија, туку многу пошироко.
На пример, доколку поединецот научил како да засади цвеќе денеска или се стекнал со некоја друга вештина, која општеството можеби не ја вреднува како посебна и суштинска за опстанокот, но за еден човек таа е важен процес од неговото учење и совладување на некој проблем и загатка, тогаш тоа дефинитивно влегува во дефиниција за успех кај успешните луѓе.
Тие не се во трка само по признанија од другите за нивниот посебен придонес, но и го исполнуваат денот со предизвици што си ги поставуваат. Рецептот на успешните луѓе за среќен живот е оној живот во кој постојано се создава, твори и нешто гради.
Автор: Магдалена Стојмановиќ Константинов
Можеби ќе ве интересира: