Само здружени во синдикат, работниците имаат право на колективно преговарање за регулирање на условите за вработување, работа, како и на другите права од работниот однос; како и право на штрајк и на преземање на сите форми на синдикални акции. Работникот не е моќен сам да преговара за поголеми права. Мал број работници се информирани за своите права од работниот однос, што е главната причина зошто тие не знаат ниту да си побараат некое право ниту, пак, знаат како да се заштитат. Оттука произлегува и потребата за здружување во синдикат – објаснуваат од ССМ.

Додаваат дека работниците што се членови во синдикат имаат можност да ги добијат сите потребни информации од стручните служби на синдикатите и така уживаат соодветна заштита во поглед на заштитата на правата од работниот однос.

-На своите членови, синдикатот им обезбедува бесплатна правна помош и совети при остварувањето на правата од работниот однос, организира и едукативни семинари, работилници и обуки за јакнење на своите капацитети и подигнување на свеста кај своето членство. Синдикатот бара на сите работници да им биде обезбедена достоинствена работа, да бидат уредно пријавени, да примаат редовна плата, исплата на надоместок за прекувремена и ноќна работа, целосно искористување на правото на годишен одмор согласно закон, плаќање на придонесите од плата. Синдикатот е единствен што се залага за почитување на човековите права и слободи, за правна држава, демократија и слободен пазар, и води вечна борба против кршењето на работничките права – потенцираат од ССМ.

Од ССМ велат, дека важноста на синдикатите се гледа и во неговата борба за почитување на интегритетот на секој работник, борба против злоупотребата на работничкиот труд, работата на црно, корупцијата, дискриминацијата и вршењето мобинг на работниците.