Февруари е вториот месец во годината во јулијанскиот и грегоријанскиот календар. Има 28 дена, 29 во престапна година и е единствениот месец што има помалку од 30 дена. А знаевте ли зошто е единствениот што има помалку од 30 дена месечно?

Имено, за сè се „виновни“ старите Римјани, поточно – иницијатор за се бил нивниот прв крал Ромул, кој дошол на идеја да направи календар стар само десет месеци.

Годината започнувала во март и завршувала во декември. Јануари и февруари не постоеле – зимата не им била важна бидејќи нивното богатство се засновало на садење и берба.

За да ја пополни оваа празнина во текот на зимата, Нума Помпилиус, вториот од седумте римски кралеви, решил да додаде уште два месеци на календарот: јануари и февруари, но календарската година да трае 354 дена.

Во тоа време бил во употреба лунарниот календар (календар усогласен со фазите на Месечината), а годината според лунарниот календар трае приближно ист број (29,53 x 12 = 354,38) дена.

За да добие доволен број денови за два дополнителни месеци, Нума одземал по еден ден од секој месец што траел 30 дена, оставајќи 56 дена за два нови месеци.

Затоа, секој од тие два месеци требало да трае 28 дена. Меѓутоа, во тоа време Римјаните избегнувале парни бројки поради суеверие, па во јануари бил додаден уште еден ден.

Вториот месец останал 28 дена, но, иако бил парен, се сметал за точен бидејќи вториот месец бил посветен на празникот на очистувањето наменет за култот на мртвите.

Затоа тој календар траел 355 дена. Февруари имал 28, март, мај, јули и октомври по 31 ден, а јануари, април, јуни, август, септември, ноември и декември по 29 дена. Сепак, календарот имал недостатоци.

Имено, неколку години сè функционирало добро, но, набрзо, годишните времиња не биле усогласени со нивните типични месеци, односно годишни времиња. За да го поправат ова, Римјаните додале уште еден месец – Мерцедониј – кој го додавале во календарот на секои неколку години, по 23 февруари. Било кошмар, бидејќи таков календар е тешко да се следи.

Работата потоа ја презел Јулиј Цезар, околу 45 п.н.е. Ангажира експерт за да направи календар како египетскиот.

Додале десет дена во календарот и дополнителен ден во февруари секоја четврта година.