Бракот на возраст под 18 години е реалност за многу млади девојки. Во многу делови од светот, родителите ги поттикнуваат нивните ќерки да стапат во брак додека тие сè уште се деца, со надеж дека бракот ќе им донесе и финансиски и општествени придобивки, а истовремено ќе ги олесни и финансиските оптоварувања врз семејството.

Всушност, малолетничкиот брак е кршење на човековите права, го нарушува развојот на девојките и честопати резултира со рано забременување и социјална изолација, со
недоволно образование и слабо стручно оспособување, со што се зацврстува родовата природа на сиромаштијата. Правото на
„слободна и целосна“ согласност за брак е признаено во Универзалната декларација за човекови права – со согледување дека согласноста не може да биде „слободна и
целосна“ кога една од засегнатите страни не е доволно зрела за да донесе информирана одлука за животен партнер.

  • Осум проценти од жените на возраст 20-24 години во земјата првпат се венчале или стапиле во брачна заедница пред да наполнат 18 години, додека помалку од 1 процент од жените од истата возрасна група стапиле во брак или заедница на возраст под 15 години.
  • Од жените на возраст 20-49 години, 10 проценти биле во брак или во заедница пред 18-годишна возраст.
  • Резултатите според статистичките белези покажуваат дека процентот на жени во брак или заедница пред 18-годишна возраст се разликува кај жените со различни степени на образование. Помалку од 1 процент од жените со високо образование стапиле во брак на возраст под 18 години во споредба со 29 проценти од жените со основно образование или без образование.
  • Слично на тоа, 25 проценти од жените од најсиромашниот квинтил биле во брак пред да наполнат 18 години, во споредба со само 2 проценти од жените од најбогатиот квинтил.
  • Резултатите за жените во брак на возраст под 15 и 18 години во различни возрасни групи овозможуваат да се забележат трендови во малолетничките бракови со текот на времето. Трендовите покажуваат постојан пад на бројот на бракови пред 18-годишна возраст, додека во поново време се чини дека напредокот е во застој.