Татјана Манева (родена 1978 во Битола) е уметница која е добро позната на нашиот аудиториум по повеќето самостојни и групни изложби во земјава и пошироко. Како член на ДЛУМ и ДЛУБ, како и по своето дипломирање на ФЛУ во Скопје, на отсек графика, својот развој го продолжува со презентирањето на самостојните изложби во Париз, Амстердам, Берлин, Подгорица, Тиват, Галерија МЦ во Њујорк и во повеќе градови низ Македонија.
По својот творечки дискурс Манева припаѓа на онаа група на уметници кои се издвојуваат по својот став кој претставува визија или некаков проект за идниот можен поредок во пошироки човечки простори. Со своите ликовни трансцеденции таа е во потрага по целина протолкувана како копнеж за обнова на светот и копнеж по животот, по таен ред и нужност на надминување на човековата одделеност од светот, во која човекот е дел од нешто многу поголемо, од целина која се нарекува Вселена.
Во сложениот сплет на взаемно-испреплетени гестуални и пиктурални односи, во кои не се насетува ниту почеток ниту крај, авторката го иницира незавршеното обмислување и губење на самите себе во еден таинствен лавиринт. Во фрагментираните и фракталните исечоци на разградената реалност, сведена на знак со порака, Манева своето проседе го засновува врз суштинското чувствување на личната неделливост со природата („Слобода”, „Раѓање”, „Тајна”, „Тишина”, „Простор”, „Присуство”, „Извор”, „Паун”, „Светлина”, „Градина”, „Пеперутка”, „Допир” и др.). Оттука произлегува чувството дека овие слики се простор на безгранично пулсирање каде насликаниот детал од стварноста никогаш не е довршен, одреден и затворен во себе.
Всушност, сликите на Татјана Манева го иницираат таинственото патување, нурнувајќи не во длабочините на дното на сликата. Ликовната критика ја оценува како суптилна сликарка чија палета е експресионистичка и длабока со заситени бои: крваво-црвена, сурово жолта и зелена, длабоко сина, со крупни црни акценти на контурата, длабоко разлеани меѓу широките петна на тоновите. Исто така, нејзините експресивни варијации преминуваат од фигуративен до апстрактен третман што го доведува нејзиното сликарство во сеопфатна демократизација и слободен израз.
Потаму, работејќи со силен интензитет мошне впечатлива беше изложбата на обработка на една специфична тема за која црпела инспирација од длабочината и пораката на кинескиот хороскоп. Со својот инвентивен пристап во изработката на тие творби таа успеа да проникне во јадрото на таквиот хороскопски систем, во секој негов симбол и во секое негово толкување.
Именувани според светите животни во источната религија и тоа: мачка, змеј, коњ, коза, мајмун, петел, куче и сл., овие дела не воведуваат во еден свет во кој секоја индивидуа е поврзана со природните нишки на заедничко спиритуално постоење. Имено, овде Манева под кинескиот идеограм изработи дополнителна ликовна база со развиени колористички и графички структури.
Целта е да воспостави посложена ликовна целина во која дванаесетте творби ќе понудат поинаква дискусија за суштината на животот, човековата моќ да проникне во тајните на светот, во неговите кружни текови и судбина. Црната боја на овие симболи со убава колоритна позадина оставаат импресија на чисти и ликовно обработени објекти кои делуваат моќно, визуелно богато и етички цврсто. Исто така, забележителна е и дијалектиката во нив, т.е. дијалогот со друга цивилизација, спротивставена на реалноста и идејата, како и судирот и проникнувањето на тонските валери.
Од сето ова излагање може да се заклучи дека овие креации на Татјана Манева несомнено се низа која ќе стане многу препознатлива. Освен што е застапничка на постмодерната концепција, оваа авторка е показател за артистичките моќи на една уметница која храбро чекори по високите патеки на уметноста.
Автор: Марија Стојческа