Енергетската криза беше на дневен ред на денешната 17-та седница на Советот за безбедност, која ја свика претседателот Стево Пендаровски.

По завршувањето на седницата, претседателот Пендаровски изјави дека Советот го свикува затоа што смета дека е важно да се слушнат сите надлежни на тема која овој период е далеку најважна и ги засега буквално сите и дека нѐ очекува тешка зима.

Тој рече дека на седницата на Советот, претставниците на Владата и надлежните институции информирале за анализите и проекциите на Владата за претстојната сезона есен/зима, чекорите кои досега се преземени за справување со ескалираната цена на струјата на светските пазари, зајакнување на домашните капацитети за производство, како и мерките кои ќе се преземат за поддршка на домаќинствата и на бизнис секторот во наредниот период.

Повеќепати спомнувам, ова ќе е најтешката зима во поновата светска историја. Јас, ние, сите, на глобалната тотална криза, пред се енергетска, воена и прехранбена криза, можеме да влијаеме директно, континуирано, но ограничено. Ние сме мала земја географски. Но сакаме и сме големи во нашите обиди со знаења, подготвеност, акција и најважно пријателства и сојузници! Поважно од се, е нашиот План, акција и решенија да ја поминеме оваа криза! Првенствено со наши сили внатре во земјата. Со наши ресурси, кои што ги имаме на располагање во овој момент. И со помош на нашите пријатели! – рече премиерот Димитар Ковачевски.

Планот за производство на ЕСМ, државната компанија за производство на електрична енергија, рече Ковачевски, оваа година се зголемиме за 25%. Ќе се следи спроведувањето на задачите кои се дадени на ЕСМ компанијата и тоа почнувањето со третиот блок во РЕК Битола, почетокот на работа на вториот котел на резервната ТЕЦ Неготино, работата на хидроцентралите и користењето на целиот потенцијал и ставање во функција на когенеративната гасна централа ТЕ-ТО во Скопје и пред се и за време и по грејната сезона како и користење на сите обновливи извори на енергија на сонце, ветер и вода.

Во најтешкиот период за нас кој започнува на 1 октомври до април идната година и понатаму до почетокот на летото на сите македонски граѓани дома на сите ученици, и студенти, на сите микро, мали и средни бизниси да им обезбедиме најниска можна цена на електрична енергија , најниска можна цена и непречено снабдување со топлинска енергија, воопшто енергија за нивните потреби. По сегашната цена, со задржување на евтината струја и со гаранција за 24 часа целосна достапност! За средниот и големиот бизнис, како што беше побарано од стопанските комори, сегашните домашни повластени производители на струја, ќе продолжат да работат за истата пониска тарифа за слободниот пазар, цена која е далеку пониска од берзанските цени. Берзански цени кои се во постојан раст заради недостатокот на електрична енергија на европскиот континент – рече Ковачевски.

Следната цел е, рече тој, преку преземање на работењето на БЕГ и на другите капацитети потребни за обезбедување на топлинска енергија од страна на ЕСМ, со оглед на тоа што БЕГ не можеше да ги извршува своите услуги во овие услови, а градот Скопје одби да ја преземе оваа комунална дејност која е во негова надлежност, ЕСМ е тој кој по завршување на сите процедури ќе го преземе снабдувањето непречено со топлинска енергија за 55.000 домаќинства на град Скопје.

За ова што се случува, се подготвувавме, и сме подготвени. За сите дома, со јасен план за пребродување на оваа зима се до април 2023 година. Сите надвор кои досега ни помагаат како за себе ги сметаме како домашни пријатели. Дали постојат ризици, да, постојат ризици. Непредвидени испади на термо блоковите во Битола и Осломеј заради апсолутната застареност на опремата кои се постари од 40 и 50 години. Непредвидливи ризици во цената на природен гас и електрична енергија до ниво на неиздржливост на цените во светски рамки. Евентуални забрани за извоз на природен гас и други енергенси и суровини за производство на електрична енергија и заради тоа имаме мноштво состаноци како внатре во земјата така и во соседните земји каде што има електрична енергија, како на пример во Бугарија која произведува базна енергија за регионот и исто така со Грција која што е практично логистичкиот центар на Балканскиот Полуостров – истакна Ковачевски.

На седницата, покрај членовите на Советот за безбедност, присуствуваа и заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координацијата на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за економија, Крешник Бектеши, генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и советникот на премиерот за енергетика, Виктор Андонов.