По повод чествувањето 30 години независна македонска држава, во организација на кабинетот на претседателот на Македонија, вечерва се одржа првиот од низата културни настани со кои се претставуваат значајните дела од богатата современа македонска културна ризница.

Одбележувањето на 30-годишнината на независноста во Кабинетот на претседателот е со наслов „Слоеви на современоста – 30 години независност низ уметностите“ и преку него се нагласува клучната улога на културните и уметничките практики за демократизацијата и еманципаторските политики во општеството.

Во кабинетот на претседателот вечерва свечено беше отворена изложбата „Ликовни блесоци“, чиј куратор е Маја Чанкуловска и се реализира во соработка со Националната галерија, а вклучени се и дела од Музејот на современата уметност – Скопје, Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип, Министерството за култура и Кабинетот на претседателот. На изложбата се претставени дела од реномираните македонски ликовни уметници: Димитар Пандилов Аврамовски, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Љубомир Белогаски, Димитар Кондовски, Боро Митриќески, Мазев Петар, Глигор Чемерски, Драгутин Аврамовски-Гуте, Ристо Калчевски, сѐ до Ана Темкова, Родољуб Анастасов, Омер Калеши.

Во своето обраќање пред присутните гости претседателот Пендаровски истакна дека за Денот на независноста, избор од делата што се наоѓаат во кабинетот ќе бидат изложени на едно место и отворени за јавноста изразувајќи надеж дека тоа ќе мотивира повеќемина, особено од помладата генерација, да се заинтересираат за нивните дела и воопшто за македонската уметност.

Иако навидум мала, ризницата на македонската ликовна уметност содржи значајни автори и дела во рамниште со најголемите светски имиња. Дел од тоа богатство е привремено сместено и во работните простори на многу институции, вклучително и во кабинетот на претседателот. Тоа, освен што е облагородување и естетизирање на просторот, претставува и начин за презентирање на големите македонски ликовни имиња пред гостите, посетителите и официјалните делегации и од дома и од странство – кажа Пендаровски.