Неодамна, поставувањето на изложбата под наслов „Портретот во фокусот” во галерискиот простор на Националната галерија – Даут Пашин Амам во Скопје, претставува еден од битните фактори што треба да се имаат предвид при анализирањето и одредувањето на специфичностите во развојот на еден од најтешките жанрови во македонската современа скулптура, а тоа е портретот.

Како еден од пионерите во поставувањето на темелите на оваа ликовна дисциплина што до денес ја потврдува својата виталност и воедно е автор на делата на оваа изложба, му припаѓа на Илија Аџиевски (роден 1926 во Струга), еден од првите образовани македонски скулптори кој Академија за ликовни уметности завршил во Загреб 1954 година, со академски курс во класата на на Ф. Кршиниќ.

Имено, неговата активност започнува во неповолно време на општествено-политички и културно-социјални состојби пред војната, продолжува за времето и по НОБ, потоа го поминува тешкиот животен пат со препреките на Голи Оток, а го доживува својот творечки врв во повоениот период. Низ креативната вештина на своите раце се излеани поголем број на споменици, монументални релјефи во керамика, портрети и парковни скулптури, но и автор е на многубројни самостојни и групни изложби во земјава и пошироко.

Во неговото творештво се изразуваат повеќе моменти што ги откриваат специфичностите на условите и времето во кое создава. Карактеристиките за тоа време, воглавно, се поврзуваат со академизмот, а потоа низ експресионизмот до реалистичкиот приод, стилови кои ќе најдат одраз во подоцнежните и понови остварувања на Аџиевски.

Консеквентен на своите познати стилски изрази во доменот на реалното, неговото внимание е насочено на човекот, на неговото внатрешно, длабоко и психолошко нијансирање и извлекување на индивидуалните карактерни црти. Во портретот за него најважно е што поверно да го пренесе виденото и почувствуваното. Појдовната точка од каде што ја црпи инспирацијата за своите класични портрети ја пронаоѓа во историските личности, настани и животната стварност, останувајќи доследен на реалистичкиот начин на изразување, со благи експресионистички модулации што се како можни влијанија на Бурдел, Роден, Мештровиќ и сл.

Моделацијата на портретот е сензибилна, со длабоко разбранувана маса, обработена на начин што укажува на присуство на елементи на тн имрпесионизиран реализам и натурализам. Покрај потенцирањето на индивидуалноста и опсервацијата на душевните состојби, херојства и страдања, особено на портретите на неговите блиски пријатели, во техничката изведба е воочлива една робустност и цврсто изведена пластичност на издадени волумени кои се јасен показател за виртуозноста на овој уметник кон конструктивистичкиот приод, со кој ја постигнува целта.

Всушност, при набљудувањето доаѓа до израз немирот и внатрешна потенцијална енергија која се крие во внатрешноста на секој негов портрет, поделувајќи ја масата на сродни сегменти и парчиња кои создаваат секогаш нова ликовно-содржинска ситуација. Набиеноста и тежината во неговите портрети содржи некаквао постојано присутно таинство и неочекувана можност за експлозија, што воопшто е одраз на неговата експресионистичка и драматична авантура во содржината на едно дело.

Во секој случај, Илија Аџиевски е репрезент на онаа класична чистота и дефинираност на волумените кои се универзални и техницизирани, но и посебно интимни, што на овие портрети им ја обезбедуваат нивната виталност и долговечност во просторот. Со ваквиот концепциски прецизен избор на тематиката и делата не би се изгубило во квалитет и со сигурност би се добила поголема посетеност и повпечатливост на изложбата која е сеуште во тек. Несомнено, оваа изложба заслужува посебно внимание и место во историјата на македонската современа уметност и пошироко.

Автор: Марија Стојческа