Големата хиперпродукција на Петар Хаџи Бошков (роден во Скопје 1928-2015) посветена исклучиво на неговата скулптура, несомнено спаѓа во редот на немногубројните македонски уметници кои со својот дискурс го следат современиот скулпторски контекст.
Иако, паралелно, во текот на целиот живот се занимавал и со графичка уметност, авторот развива две основни ориентации на интерес: го зема човекот (кон вертикала) и топката (кон хоризонтала).
Меѓу овие две космички сили, човековото тело (телесното и духовното) е сместено во епицентарот на неговата творечка имагинација. Како што минува низ различни фази од интегралното, па се до фрагментарното тело, авторот несвесно го актуелизира проблемот на декаптацијата.
Освен проблемот со опсесивното обезглавување, како битна компонента во неговото творештво, тој ја актуелизира и половата (неиз) диверенцираност. Имено, станува збор за создавање на антипод хоризонтала-вертикала замислен како единствено дејствување со индиција да, низ испреплетените вселенски сили ја воспостави разнишаната хармонија на светот и избалансираност на енергиите во просторните широчини.
Користејќи различни материјали во своите навидум апстрактни скулптури како што е бронза, теракота, алуминиум и сребро, воглавно се задржува на три облици: топка, калота и прстен, исклучиво со гео и биоморфно потекло.
Во овие тн хипердинамични структури, ритамот има главна улога во кое се чувствува непосредното дејствување на раката, која со неверојатна леснотија ја сече, бразди и вдлабнува материјата на основниот облик со присуство на музикална енергија при набљудувањето со нашето око.
Воедно, визуелната креација на овие скулптури зависи од материјалот од кој се изведени, како на пример: теракотите ја сугерираат топлината на земјата од која изртеле, а скулптурите во бронза и алуминиум ни се обрнуваат со достоинствен, студен, сериозен и по малку par distance говор.
Понатаму, прстеновидните скулптури претставуваат повеќе чекор кон ескалација во просторот, односно наполно ја отвораат формата и влегуваат во просторот. Видлива е една претстава на симфонија на движења на формата со внатрешна тензија и импулс, во која острите засеци и грчевита ритмичност стремат кон создавање на стабилна и хармонична форма.
Впрочем, со своето непрекинато експериментирање и актуелизирање на повеќето опсервации и стилски разновиден израз, тој во една прилика ќе изјави: „За мене зборот човек значи нешто големо, нешто космичко. Тој во себе ја носи вселената, носи страшни димензии, носи бескрајни можности… Човекот за мене е една вертикала, секогаш исправена, за да го видите треба да ја подигнете главата и да го погледнете таму високо горе. Меѓутоа, во секој миг, тој човек носи некои свои доживувања, претрпува некои вибрации, опфатен е од некои ритми”.
Имено, овие скулптури човеквертикала познати ни се претежно од стапчестите статуети во бронза на Пикасо, од Џакомети, но и од Хуан Миро и неговите вертикали со тотемски обележја. Но, многу повеќе неговите скулптури генеалошки може да се поврзат со Бранкузи („Петел”), особено во делот на каскадните нагорни движења на обликот одошто со горенаведените стапчести човечки претстави.
Петар Хаџи Бошков стреми кон индивидуална визија и психолошки ритам на човечката фигура, односно неговата уметност се идентификува со животот, и тоа не преку актот на имитирање ( мимезис) туку преку процесот на креирање и своевиден осмислен социофилозофски контекст.
Исто така, често применува и групирање на скулптурите во двојки (маж и жена, седнати или исправени) или во колективни ќелии, такашто низ нив може да се слушне крикот за човечкиот спас во душата на колективот, на семејството, на групата. Овие трансцедентални фигури високи и до 2 метра не ја губат својата лирска елеганција и грациални пози.
Да не заборавиме да ги споменеме и неговите цртежи кои претставуваат продолжение на скулптурата во поглед на истражувањето на четвртата димензија со елементи на строг хроматизам и експресивно развивање на формата, како израз на спонтано доловена пластична идеја.
Во насока на непрекинатото означување на неговото минуциозно скулпторско проседе, повторно ќе имаме можност да се потсетиме на неговото филигранско везење на металот, мекиот блесок на бронзата и алуминиумот, свилестата скулптура и сл., во просторот на археолошкиот локалитет Стоби на 18-ти септември годинава, во рамките на проектната програма „Стоби- жив град”.
Автор: Марија Стојческа