„Нас не не мачи одливот на мозоци туку останувањето на идиотите„- Иво Андриќ
Сведоци сме на секојдневно иселување на енормен број млади луѓе, таа „црна чума„ надвисната над Македонија.
Дал ќе се јунак изнајде чумата да ја истера од жална Македонија?
За жал Гоце Делчев е веќе одамна мртов!
Дали некој си го поставил прашањето, зошто младите способни луѓе се иселуваат и каков е профилот на иселените?
Ќе наведам само неколку клучни причини за иселувањето:
–Економскиот фактор, луѓето се откорнуваат од родните огништа затоа што се приморани а не затоа што сакаат.
Ова општество за жал не им овозможи еднакви можности на сите.
–Непотизмот, секојдневно сме сведоци на вработувања на роднини, пријатели, швалерки и останати разни „разни ѕверки“ , а луѓе со просек над девет, врвни интелектуалци, седат дома.
–Промоција на неспособните, неспособните со себе носат заеднички особини, како што се гордоста, зависта, суетата, злобата, при што креираат клима на нарушени меѓучовечки односи, со елементарно непознавање на законите.
Примајќи се повеќе такви кадри, а особено после отворањето факултет во секое село, способните стануваат малцинство.Како да творат и да ја развиваат својата креативност, кога неспособните собрани во чопор упорно ги бркаат, притоа не за друго туку затоа што се плашат способните да не им го земат местото.
Секој успешен менаџер, градоначалник, министер, пратеник, премиер, во светот, со себе ги зема СПОСОБНИТЕ, и само менаџира со нив.Тоа се нарекува правилно менаџирање со човечките ресурси. Тука најдобар пример се САД, ги земаат најспособните како Тесла, Ајнштајн… и така генерираат раст.
Не може еден врвен интелектуалец, човек со интегритет, човек од збор, да твори и да се развива во клиентелистичко општество.
Затоа драги менаџери, градоначалници, министри… и исте избрани и именувани функционери, ставете го прстот на главата се додека има време и се додека не настанал општ хаос.
Креирањето хаос им одговара на неспособните, затоа што само со интриги и сплетки можат да егзистираат на позициите на кои се.
Не можете да генерирате развој со подпросочни кадри со нарушен човечки интегритет!
Сите вие кои сте спомнати погоре, носите огромна одговорност пред вас и вашите деца, вратете се на правиот пат , дајте им на способните да креираат, искористете го нивниот потенцијал и со тоа генерирајте развој. Во спротивно, на среден рок, се ќе се сруши како кула од карти.
Поставете критериуми и ситем од вредности и строго почитувајте ги а притоа носете одлуки на основа на аргументи и факти!
За еден врвен интелектуалец е непримерно да моли и секојдневно да се соочува со основни егзистенцијални проблеми!
Неспособните нема да ве познаваат еден ден, тие тргуваат со човечки судбини!
Автор: Гоце Кузески