Во време на воени превирања, социјални осцилации и турбулентности пионерска улога во поставување на темелите на македонската скулптура што до денешен ден ја потврдува својата виталност му припаѓа на Димо Тодоровски (1910-1983 роден во Солун).
Неговата творечка активност започнала во времето на извесни сложени и неповолни општествено/политички, социјални и културн состојби пред војната, потоа продолжил да создава во време на воени превирања, а својот врв го доживеал во повоениот период.
Во тоа време на социјалистички реализам, Тодоровски одлучно го следел својот внатрешен импулс и потреба за изразување покрај многубројни искупенија и тешкотии кои му ги наметнувал самиот живот. Имено, направил обид на совршен склоп меѓу повеќе стилски правци во уметноста, почнувајќи со реализмот како појдовна точка и проткајување со елементи од импресионизмот, експресионизмот и кубизмот преточени во монументални димензии.
Станува збор за уметник чијшто основен постулат лежи во длабоко интимистичко чувствување, исполнето со непосредно доживување на стварноста во кое централно место зазема човечката фигура доловена во сите нејзини душевни состојби, страдања и јунаштво низ историјата. Автентичноста на неговите дела може да се согледа во јасно дефинираните индивидуални црти на лицето, изработени претежно во бронза и гипс, во чија јасна пластичност ја претставува психичката состојба во неговите портрети, како што се: „Мајката на уметникот”, „Мајка со дете”, „Борец”, „Браќа Миладиновци”, „Свети Климент Охридски” и др.; портрети во кои е постигната извесна стилизација на формата која на моменти е повеќе илустративна отколку функционална. Истовремено, моделацијата на портретот е сензибилна со извесен маниризам, обработен на начин што укажува на присуство на елементи од импресивниот реализам и натурализам. Воглавно, базична тема во творештвото на Димо Тодоровски е: човечка фигура, акт и портрет, теми кои ги изработува во повеќе категоризирани концепции: ситна пластика, споменични и монументални дела, цртеж и сл. Својот став за наклонетоста кон човеката фигура ја презентирал во еден разговор каде јасно кажал: „Нема скулптура надвор од темата.. И бидејќи моите теми се блиски до реализмот-јас им се подавам…”
Понатаму, во монументалните дела на пр.: „На Мечкин Камен” и „Споменикот на НОВ во Трница”, мошне е впечатлива екпсресионистичка нота во динамичната линија на фигурите, како и присуство романтичен дух почувствуван од предвоениот и воениот период на тогашните југословенски простори, имплицирајќи ја болката, страдањето, борбата и човечката сила на едно темно време.
Во овие творби релјефната претстава е повеќе декоративно изработена, додека пак издвоената фигура на партизан борец е симболично и цврсто обликувана со примеси на кубистички елементи во изведбата.
Во целокупната творечка лабораторија на овој скулптор значајно место и инспирација завзема, едно, може да се каже ремек-дело, кое со својата техничка изведба е изненадувачко и сосема несвојствено за дискурсот којшто го негува. Впрочем, се работи за делото наречено „Јама”, дело кое со својата сложеност на зачудувачки начин е реализирано до совршеност во добивањето на урамнотеженост меѓу технички решенија: контура и релјеф, маса и форма.
При набљудувањето на ова дело од сите страни се забележува едно спирално движење кое кон врвот се спојува во една прамидална целина, додека пак длабоката експресија на истоштените тела, гестот и лицата се поистоветува со онаа на романтичниот импресионист и виртуоз Огист Роден.
Повторно овде Тодоровски симболично ја иницира вечната тема мајка и дете, која без патетика ја транспонира во универзален израз на патење и потреба од мајчинска топлина и љубов. Од друга страна, во своите цртежи повторно ја дефинира својата прецизност кон сликање на човечката контура и умешност на светло-темно со што цврсто ја гради формата во своја целост.
Од денешен аспект, делото на Димо Тодоровски се категоризира како модерно творештво, од причина што, многу од историските и традиционални теми во едно тешко време ги изведува во манир на современи текови во светската уметност, и претставува солиден пример во оформување и градење на стилот на денешните млади македонски уметници, но исто така остави длабок печат и на светската ликовна сцена.
Автор: Марија Стојческа