Јетмир Садику е еден од многуте неврохирурзи кои работат во Германија. Ја напуштил земјава барајќи подобри услови за работа и живот.

Тој е неврохирург во Универзитетскиот клинички центар Хелиос. Дипломирал на Медицинскипот факултет при УКИМ во Скопје.

Работел неколку години во Кичево, а од 2015-та работи како лекар во Германија каде и специјализирал.

Не можеме да ги споредуваме Германија и Македонија по животниот стандард, но еве кои се финансиските услови за работа, заради што многумина се одлучуваат да заминат.

Дали може да се направи разлика во платите? Ако знаеме колкави беа платите во 2014 година, а јас почнав со работа година ипол или две потоа, во Германија земавме 10 пати повисоки плати, објаснува Јетмир Садику.

Дали би се вратил во Македонија со оглед на тоа дека, тука се родил, семејството му е тука, тука инвестирал во образование:

Секогаш го поставуваме истото прашање – Колку е подготвена државата кадарот кој заминал, златната елита, да ја врати во родното место, со подобри услови за работа, под што подразбирам – најнови технологии, прилагодување на работата со стандардите на ЕУ и исто така тука влегува и финансискиот аспект. Тоа е прашање кое треба да им се постави на државните институции, вели Јетмир Садику.

782 лекари заминале на работа во странство изминативе пет години од нашата земја. 120 медицински сестри и петорица лаборанти заминале само од Клинички центар за три години. Од податоците добиени според лиценците за работа во странство, можеме да заклучиме дека бројот на лекари кои заминале од Македонија се намалил за време на пандемијата.