Создавањето на вакцините против ковид-19 ќе биде запаметено како медицински пробив, но многумина научници се обидуваат да ја откријат вакцината која ќе биде ефективна против сите коронавируси, пишува „Њујорк тајмс“.

Истражувачите веќе развиваат прототипи на она што е познато како панкоранавирус вакцина, од кои дел покажуваат ветувачки рани резултати.

Професорот по молекуларна медицина на Истражувачкиот центар „Скрипс“ во Сан Диего, Ерик Топол, смета дека научниците треба да ги здружат силите во голем проект за создавање на вакцини.

Трена да создадеме вистинска работна сила за да го забрзаме процесот и да добиеме резултати годинава – вели Топол, кој заедно со својот колега имунолог Денис Бартон повика на отпочнување на ваков проект, преку магазинот „Нејчр“.

Кога коронавирусите беа идентификувани во 60-те години, тие не претставуваа приоритет за произведувачите на вакцини.

Но опасноста стана очигледна со појавата на вирусот САРС во 2002 година, како и со откривањето на заразата на МЕРС во 2012 година.

Одредени научници тогаш го поставија прашањето дали треба да се прават поединечни вакцини за секој коронавирус, или пак да се направи обид за создавање на вакцина која ќе биде ефективна против сите видови.

А истражувачите во компанијата „ВБИ ваксинс“ од Кембриџ, Англија, направија чекор напред, создавајќи панкоронавирус вакцина летоска.

Друг тим што работи на развојот на таква вакцина, пак, очекува да почне со клиничките испитувања следниот месец.

На овој начин, станува очигледно дека научниците веќе бараат решение за идната пандемија, додека светот уште се справува со заразата на ковид-19.