Постојат рани показатели дека вакцинираните луѓе би можеле да ја пренесат делта варијантата на коронавирусот исто толку лесно како и невакцинираните, објави денеска Државната агенција за јавно здравје на Англија (PHE).

Наодите се совпаѓаат со оние на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC), кој минатата недела предупреди дека вакцинираните лица заразени со делта сојот, за разлика од другите варијанти, можат да ја шират инфекцијата.

Многу позаразната варијанта на коронавирусот е доминантна на глобално ниво и ја разгорува пандемијата од која досега починаа повеќе од 4,4 милиони луѓе, вклучувајќи и над 130.000 од Британија.

Се покажа дека вакцините обезбедуваат добра заштита од сериозно заболување и смрт по инфекција со делта сојот, особено по две дози, но има помалку податоци дали вакцинираните лица можат да продолжат да го шират вирусот на други.

Некои првични наоди сугерираат дека нивото на вирусот кај заразените со делта сојот, кои се вакцинирани, може да биде слично на она што е пронајдено кај невакцинирани лица. Тоа може да предизвика последици врз нивото на инфекција, без разлика дали луѓето се вакцинирани или не. Но, ова е рана анализа на истражувањето и потребни се дополнителни насочени студии за да се потврди дали тоа е навистина така – соопшти PHE.

Друга студија укажа дека и покрај ефикасноста на вакцината во зголемување на бројот на антителата, тие не се доволни да спречат поголеми компликации или смртен исход.

Антителата се само еден механизам кој спречува развој на болеста, но постојат и многу други врз кои вакцината нема директен импакт.