Сојузот на синдикати на Македонија не се согласува да се донесат законски измени кои би овозможиле недела да биде работен ден во туристичките центри. Постојното законското решение кое е на сила, велат од ССМ, е донесено по пат на дијалог, и тоа овозможува работа и во недела под одредени услови.

Со законските измени, ССМ и социјалните партнери обезбедија можност специјализираните продавници или киосци во туристичките места под услови со закон да работат, предвидена е и можноста за работа на моловите, штандови и киосци за време на спортски настани, фестивали, саеми, манифестации и слично, а предвидена е и можноста во продавници за трговија на мало со храна, пијалоци и слично работата да ја вршат лично сопствениците на продавниците. Не смее заради тоа што газдите почувствуваа што значи да се работи во недела да им се ускрати таквото право и повторно да се дозволи работниците да им работат, а тие да одмараат, велат од ССМ.

На овој начин, велат од Синдикатот, сметаме дека се покриени сите потреби на туристите во туристичките места од аспект на трговските услуги. Потсетуваат дека оние работници кои ќе бидат ангажирани за работа во недела имаат право на додаток на плата за работа во недела и за празници најмалку во висина од 100 проценти за секој час поминат на работа, како и право на неделен одмор во друг ден од неделата.

Од друга страна угостителите бараат преседан во спроведување на Законот со кој се предвидува неделата да е неработен ден на цела територија во Македонија. Според нив, туристичките места треба да ги активираат своите угостителски капацитети токму за време на викендот кога бројот на туристи е најголем. Фактот дека недела е неработен ден и во туристичките места, ги чини големи загуби токму угостителите и луѓето кои живеат од туризам.

Прогласувањето на недела за неработен ден донесе уште еден судир на интереси на работодавците и работниците.