Една од главните вести денеска беше дека министерката за одбрана Радмила Шеќеринка денеска беше во посета на касарната „Илинден“ во Скопје.

Меѓудругото министерката се пофали уште еднаш дека Македонија работи на имплементација на НАТО стандардите и дека Македонија е составена од професионална и модерна армија.

Сепак, скандалите поврзани со АРМ не се баш редок случај во македонската јавност. Од партиски вработувања до поставање на лица со сомнителни досие и афери на раководни позиции при министерството за одбрана и низа други појави.

Многу припадници на армијата имаа пријави за семејно насилство, нарушување на јавен ред и мир, управување на возило под алкохолизирано дејство, учество во тепачки и слични инциденти.

На 25 ноември 2014 војникот Драган Маноилов кој има дозвола за управување со огнено оружје, без дозвола и пријава земал огнено оружје и тргнал во крвав пир.

Драган Маноилов уби три лица, по што во јавноста се крена прашањето како е можно лице со атавистички и криминоген ум, кој претходно имал пријави за семејно насилство да ги помине психолошките тестови кои се услов за вработување и продолжување на работниот однос.

Од тогаш па наваму никој не се осврна дали стандардите за вршење на службена дејност во армијата се зацврстени и дали некој од институциите презема одговорност за дозволата која Драган ја добил за управување со огнено оружје и покрај пријавите за семејно насилство.

Закон за служба во армијата

Законот за служба во армијата строго го санкционира семејсното насилство кај своите припадници. Но се чини дека како и многу други закони и овој клучен правен акт според кој се организира армијата на Македонија не се спроведува на институционално ниво.

Никој не ги регистрира пријавите за семејно насилство, не постои транспарентност околу критериумите за прием и вработување, ниту некој презема одговорност за загрозувањето на законите и човековите права од страна на припадниците на армијата кои имаат должност да ги штитат човечките права и слободи.

Како што случајот со Драган Маноилов уште не доби јавна разврска, така и многу други случаи уште стојат во фиока.