Во вознемирувачкото окружување во кое живееме во сите области, па и во културата, мислев дека не може веќе ништо да ме изненади.

Но, како велат никогаш не вели никогаш! Денеска во секојдневните работи, типкајќи на лаптопот и слушајќи радио, слушам информација: За престојниот Манаки фестивал… па не слушам ништо… па потоа „овој реномиран фестивал ќе биде затворен со најновото македонско филмско остварување „Убиј ги прво децата“, кој своја премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Сараево”… Молк… не знам дали добро чув?!

Нестрпливо отворив на интернет страници, портали, и?…Не е грешка. „Убиј ги прво децата “ е наслов на најновиот македонски филм, првенец на младиот режисер… (не е важно името), во улогите играат… (ич не се важни)…костимите се на… (неважно). И ништо не е важно, а најмногу од сѐ, кратката содржина во која пишува: “Филмот е комична приказна за тинејџерка балерина, нејзиното лудо вљубено момче и неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол, кои се губат во најдлабоките лавиринти на скопското криминално подземје, заради мобилен телефон што содржи компромитирачко видео“.

„Убиј ги прво децата“ е поддржан од Агенција за филм на Македонија… продуценти се… (ни тоа не е важно).

Јас, како професионалец, кој повеќе од 30 години работи со деца и за деца, еве и после цел ден не можам да најдам одговор за одбраниот наслов, од страна на режисерот кој иако никаде не пишува најверојатно е автор на сценариото. Дополнително она што е најстрашно, насловот е прифатен од државната Агенција за филм, и му се дадени средства во висина од околу 350.000 евра, пари од народот… и згора на сѐ, медиумски е презентиран и прифатен без никаков срам и страв.

Без разлика каков жанр е, без разлика која е поентата, во наслов на филм (за мене врвот на културното обликување), да повикуваш да се убијат прво децата е нешто што е под сите морални и човекови вредности, а за културни и да не зборуваме.

Затоа пред една година имавме во соседството буквално убиство на 12 деца од страна на дете, деновиве имаме состојба во која цело одделение се испишало од училиште, заради насилникот меѓу нив, и да не набројувам кои социјални и општествени кризи се одразуваат токму преку најнезаштитените- а тоа се децата. Да потсетам дека 90 % од населението освен наслови не чита ништо друго.

И повторно не можам да разберам, ниту најдов дека некој изреагирал на овој наслов, ниту укажал, а режисерот- автор, сигурна сум дека во својата креативност можел да најде мотив, кој би го преточил во нормален, впечатлив и запаметлив наслов, без да повикува да се убијат прво децата.

И еден совет: Велат ако се качиш на погрешен воз симни се на првата станица, затоа што со секоја следна, билетот за назад е поскап. Затоа, млади креативци, сменете го насловот за да не останете запаметени во македонската кинематографија по него.

И за крај, поразува состојбата на незаинтересираност и сеедност кај поедини групи, професионалци и кај целиот народ. Дојдовме во состојба во која на никој за ништо “баш не му е гајле“, а тоа е рековме со опасни последици, кога тогаш.

Извор: КулАрт

 

Можеби ќе ве интересира: