Зголемувањето на инфлацијата во месец август е забележана како резултат на раст на цените на некои од основните прехрамбени продукти, безалкохолни пијалоци, како и средства неопходни за домување и здравје. Доколку трендот на зголемување на продажните цени во малотрговијата продолжи и понатаму, за месец септември се очекува уште поголема инфлација, особено затоа што е месец на почеток на школската година, што претставува трошок за родителите, но и период на зимници, кога се одвојуваат повеќе пари за прехрамбени продукти што се конзервираат и складираат.
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во август 2024 година, во однос на јули 2024 година, изнесува 0.5 %.
Според податоците од Државниот завод за статистика зголемувањето на инфлацијата во август 2024 година, во однос на јули 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: храна и безалкохолни пијалаци за 1.2 %, рекреација и култура за 1.1 %, здравје за 0.8 %, ресторани и хотели за 0.7 %, домување, вода, електрика, гас и други горива за 0.6 %, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата, комуникации за 0.5 %, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0.1 %.
Во август 2024 година, во однос на јули 2024 година, намалување на трошоците на животот е забележано во следните групи: транспорт за 2.2 %, облека и обувки, разновидни стоки и услуги за 0.3 %.
Трошоците на животот во групата образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Индексот на цените на мало во август 2024 година, во однос на јули 2024 година, изнесува 100.5.
Индексот на трошоците на животот во август 2024 година, во однос на август 2023 година, бележи зголемување од 2.2 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3.0 %.